ВЕСТИХРОНИКА

ПАТРОЛА: Пиштол во училишен двор, ќерка претепала 76-годишен татко, 11-годишник возел тротинет и предизвикал тешка сообраќајка

Тешко повредено шестгодишно дете кое се возело на електричен тротинет управуван од 11-годишник, изваден пиштол при тепачка во средно училиште и наставник кој претепал ученик, се дел од најсериозните инциденти во изминатото деноноќие, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Алармантна е состојбата со електричните тротинети на скопските улици. Шестгодишно дете заврши со тешки телесни повреди на Ургентниот центар, откако патничко возило „фолксваген“ удрило во тротинетот што го управувал 11-годишен малолетник на крстосница во Скопје. Црниот сообраќаен биланс го дополнува и 21-годишна девојка која изгубила контрола и се превртела со своето возило на улицата „Индира Ганди“, при што се здобила со тешки повреди.

Насилството меѓу младите и во образовните институции зема замав. Според пријавеното во полицијата, за време на големиот одмор во средно училиште во Шуто Оризари, 16-годишен ученик бил нападнат од две лица, од кои едното извадило пиштол, но за среќа не испукало. Во истата општина е регистриран уште еден шокантен случај во кој родител пријавил дека неговиот малолетен син бил физички нападнат од наставник во основно училиште. Малолетничката деликвенција кулминирала и на Бит Пазар, каде 17-годишник со остар предмет повредил 15-годишно момче.

Во делот на сузбивањето на недозволената трговија, полицијата спречи влез на синтетички дроги во државата. На граничниот премин Табановце е уапсен 35-годишен државјанин на Германија, во чиј автомобил се пронајдени МДМА и ЛСД. Дека наркотици има насекаде покажува и претресот во Казнено-поправната установа Затвор Идризово, каде затворските служби пронашле марихуана во една од просториите.

Полицискиот билтен бележи и серија пријави за семејно насилство со невообичаени актери. Во Скопје, 76-годишен старец пријавил дека бил физички нападнат од сопствената ќерка која го удирала со тврд предмет, нанесувајќи му телесни повреди.

Back to top button