
Во заедничка организација на Парламентарното собрание на Алијансата и НАТО, во Брисел за првпат се одржа парламентарен состанок со Северноатлантскиот совет (NAC), на кој учествуваа шефовите на делегациите и претседателите на националните комисии за одбрана, информираат од Собранието на Република Северна Македонија.
На состанокот, чија цел беше да ја нагласи суштинската улога на сојузничките парламенти во спроведувањето на клучните цели договорени на самитите во Хаг во 2025 и во Анкара во 2026 година, македонското Собрание го претставуваа пратениците Драган Ковачки, шеф на собраниската делегација во Парламентарното собрание на НАТО, и Павле Арсоски, претседател на Комисијата за одбрана и безбедност.
Средбата претставуваше единствена платформа за размена на мислења со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателот на Парламентарното собрание, Маркос Перестрело, како и со помошниците на генералниот секретар, Ник Кацарас и Тарја Јакола. На состанокот биле споделени клучни пораки за потребата од заедничка парламентарна акција со цел обврските на Алијансата да се преточат во национални планови за инвестиции во одбраната, набавки и отпорност. Претставниците на Алијансата нагласиле дека кредибилното одвраќање се потпира на сојузничката кохезија и одржливите инвестиции, додека трансатлантската врска останува камен-темелник на НАТО.
Дополнително, парламентарците ги размениле најдобрите национални практики во спроведувањето на Хашката обврска за одвојување пет отсто за одбрана. Во дискусиите била истакната важноста на парламентарната дипломатија во мобилизирањето на сојузничките парламенти, со цел да се осигура дека НАТО ќе има одржлива политичка поддршка и ресурси неопходни за одбрана од каква било долгорочна закана.



