
Најмалку 46 лица загинаа, а голем број други се повредени во судир на два брзи воза во провинцијата Толедо, во централна Шпанија, објавија шпански медиуми, повикувајќи се на извори од цивилната заштита. Несреќата се случила на железничката линија што ги поврзува Мадрид и Андалузија, а сообраќајот на оваа релација е прекинат.
Според првичните информации, несреќата се случила утрово, околу 8:54 часот, во близина на местото Урда, во провинцијата Толедо. Во судирот учествувале брз воз АВЕ на државниот оператор „Ренфе“ и воз на приватниот оператор „Ирио“, кои сообраќале на релацијата Мадрид-Севиља.
Според првичните информации што ги пренесе агенцијата Европа прес, повикувајќи се на извори од Министерството за транспорт, возот на „Ренфе“ најверојатно удрил одзади во возот на „Ирио“. Два вагона излетале од шините и паднале во насип. Причините и околностите на несреќата сè уште се утврдуваат.
Владата на автономната област Кастиља-Ла Манча го активирала регионалниот план за вонредни состојби, а поради сериозноста на несреќата била побарана и интервенција на Воената единица за вонредни ситуации. На терен се распоредени пожарникари, припадници на цивилната гарда, медицински екипи и други служби за спасување.
Универзитетската болница во Толедо ги откажала планираните операции за да ги стави операционите сали на располагање за повредените во железничката несреќа, објави шпанскиот весник „Ел Еспањол“.
Железничкиот оператор „Адиф“ го прекинал сообраќајот на брзата железничка линија меѓу Мадрид и Андалузија. Компанијата „Ренфе“ соопштила дека на патниците погодени од прекинот ќе им бидат овозможени бесплатни промени и откажувања на билетите.



