По успешната октомвриска премиера, театарската претстава „Татко“ во режија на Нина Николиќ повторно ќе биде изведена пред скопската публика на 4 и 5 ноември во Културниот центар „Лабораториум“, соопштија од „Перипетија продукција“.
Претставата е реализирана според истоимената драма на Август Стриндберг, во современа адаптација на драматургот Тамара Барачков. Иако напишана пред повеќе од еден век, драмата на Стриндберг отвора прашања кои и денес се длабоко присутни во општеството. Во оваа сценска поставка, класичниот конфликт меѓу брачните партнери добива нова перспектива, преку која се преиспитуваат механизмите на моќ, контролата и психолошкото насилство во интимните односи, како и последиците што тие ги оставаат врз семејството во кое долгогодишната недоверба и манипулација прераснуваат во деструктивен однос.
Современата адаптација на Барачков прави значајно поместување во однос на оригиналниот текст, при што женскиот лик повеќе не настојува да ја докаже непресметливоста на сопругот, туку бара институционална помош и заштита од психолошкото насилство на кое е изложена. Со ова поместување, претставата ја напушта едноставната поделба на жртва и виновник и отвора простор за преиспитување на одговорноста на двајцата партнери, но и на општествените механизми кои овозможуваат насилството да остане непрепознаено. Улогите ги толкуваат Саша Ханџиќ, Амернис Нокшиќи, Тони Денковски, Бојан Кирковски и Ирена Димеска, сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата ја изработи Ивана Каранфиловска Угуровска, а музиката е на Оливер Јосифовски.

