Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, изрази благодарност до Европската Унија за донацијата во воена опрема наменета за македонската Армија, нагласувајќи дека ваквиот гест претставува јасен доказ за препознавањето на квалитетот и посветеноста на нашите вооружени сили како рамноправен дел од НАТО Алијансата, се наведува во изјавата на премиерот. Тој упати честитки и до раководството на Министерството за одбрана, Генералштабот, како и до војниците за беспрекорно изведената воена вежба.
Шефот на извршната власт потенцираше дека државата останува цврсто на патот за исполнување на сите обврски и барања кои произлегуваат од членството во НАТО. Во тој контекст, тој се осврна на неодамнешната посета на главниот командант на вооружените сили на НАТО за Европа, генерал Гринкевич, кој посочил дека инфраструктурните проекти и висината на буџетските средства кои земјава ги одвојува за одбраната претставуваат позитивен пример за многу други земји членки.
Според премиерот, одржувањето на високо ниво на финансирање во одбранбениот сектор ќе биде клучна цел и во периодот што следува.
„Сите инфраструктурни проекти коишто во моментот ги движиме, вклучително и средствата коишто ги одвојуваме, претставуваат пример за многу земји членки на НАТО и тие, во нашиот случај, достигнуваат и до четири проценти, што навистина за нас претставува една цел која што ќе се обидеме, во годините коишто следат, да ја одржиме. Четири проценти од бруто-домашниот производ, имајќи предвид дека номиналниот бруто-домашен производ во последно време расте со стапка од осум проценти и повеќе, ќе претставува предизвик, но секако ние, како Влада, имаме приоритет да инвестираме во нашата македонска Армија и да ја направиме Армијата поконкурентна“, изјави Христијан Мицкоски.
Владата, според најавите, ќе продолжи со силно темпо да вложува во модернизација и зајакнување на капацитетите на македонската Армија за таа да остане максимално подготвена, конкурентна и способна да одговори на сите современи безбедносни предизвици.
