Коалиција МАРГИНИ до МОН: Отстранувањето на хомофобијата од образованието е удар врз младите
„Училиштето не е безбедно за сите“, велат од организацијата, барајќи враќање на избришаните содржини за сексуалната различност. Според нивното истражување, дури 63 отсто од ЛГБТИК учениците го кријат својот идентитет поради страв.

Коалицијата МАРГИНИ излезе со остра реакција против Министерството за образование и наука поради неодамнешните ревизии на наставната програма, при што предметот „Сеопфатно сексуално образование“ е преименуван во „Здравје и заштита на здравјето“, а од него, според нив, се отстранети клучни содржини поврзани со сексуалната различност, хомофобијата и родот. Во нивното официјално соопштение се наведува дека оваа измена претставува „серија удари врз родовата еднаквост и правата на ЛГБТИ луѓето, преку кои притисоците на антиродовите актери и црковните авторитети добиваат сè поголем простор во институционалното одлучување“. Коалицијата бара од МОН јавно објаснување врз основа на кои стручни сознанија е направена оваа ревизија.
„Училиштето не е безбедно за сите. Тоа го знаеме, бидејќи го имаме документирано“, порачуваат од МАРГИНИ, презентирајќи фрапантни податоци од нивните истражувања. Според нив, 37% од учениците биле сведоци на врсничко насилство врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет во нивното училиште, додека 63% од ЛГБТИК учениците во државава го кријат својот идентитет. Во периодот од 2021 до 2023 година биле документирани 82 случаи на институционално насилство врз овие лица токму во образовниот систем. Овие податоци, велат тие, бараат јасна образовна политика, а не бришење на експлицитното изучување на хомофобијата, што според нив ја ослабува обврската да се препознаваат предрасудите.
„МОН мора да престане да ја приспособува образовната политика на предрасудите. Со отстранувањето на оспоруваните содржини, Министерството ја зацврстува моќта на антиродовите актери да определуваат чии искуства смеат да бидат именувани во образованието“, се вели во нивната реакција. Тие директно бараат враќање на избришаните содржини, објавување на стручните мислења за ревизијата, како и воспоставување доверливи механизми за пријавување на хомофобично насилство. На крајот, Коалиција МАРГИНИ упати повик до младите „да се спротивстават на политиките што ја ограничуваат нивната слобода“ и преку солидарност да го бранат правото на слободен и рамноправен живот.
