„Кој ја кодира иднината?“: Жените доминираат во науката, но сочинуваат само четвртина од ИТ-секторот во земјава

Жените во Македонија сочинуваат околу 70 проценти од дипломираните во природните науки и математиката и се повеќе од половина од истражувачите, но нивното учество во ИТ-секторот останува загрижувачки ниско. Тие претставуваат околу 33 отсто од дипломираните во информатичко-комуникациските технологии, а сочинуваат помалку од една четвртина од работната сила во технолошката индустрија.
Овие статистички разлики, како и системските пречки, стереотипите и нееднаквостите, беа во главниот фокус на панел-дискусијата „Кој ја кодира иднината? Девојките во СТЕМ“, која се одржа во кампусот на ФИНКИ во Скопје. Настанот беше дел од кампањата „Носи ја промената“ (Wear the Change) и националниот караван на Јуроп хаус и Делегацијата на Европската Унија.
Проф. д-р Ана Поцева Пановска од Фармацевтскиот факултет, која е носителка на првиот патент на УКИМ во областа на медицинската хемија, посочи дека промените се можни ако се отворат можностите. „Пред повеќе од сто години, фармацијата била професија во која доминирале мажите. Денес, повеќе од 90 проценти од студентите на нашиот факултет се девојки. Оваа промена покажува што се случува кога на жените ќе им се отворат можностите за образование и професионален развој“, истакна таа.
Маријана Иловска Златановски, извршна директорка за дигитални иновации во „Intertec.co“ и директорка за партнерства во „Women in Tech North Macedonia“, нагласи дека има прогрес во технолошкиот сектор, но сега фокусот треба да биде на лидерските позиции. „Се радувам што денес работиме на надминување на бариерите и охрабрување на девојките да преземаат поголема иницијатива. Дефинитивно има прогрес, но има уште многу да се работи“, порача Иловска Златановски.
Амбасадорот на Шведска, Ола Сулстрем, го сподели искуството на неговата земја, порачувајќи им на домашните носители на одлуки да инвестираат повеќе во образованието и во младите. „Успехот на Шведска во СТЕМ не се случи преку ноќ. Тој е резултат на генерациски инвестиции. Верувам дека иднината на оваа земја, на регионот и на светот во голема мера зависи од младата жена која денес има 20 години, која се прашува што следува и одлучува по кој пат ќе тргне“, рече амбасадорот.
Проф. д-р Невенка Китева Роглева од ФЕИТ, споделувајќи го своето искуство од енергетиката која традиционално важи за „машка професија“, истакна дека интересот, знаењето и добрата образовна основа се многу поважни од родовите стереотипи, нагласувајќи ја важноста на поддршката од семејството и наставниците.
Од панелот, модериран од Андреа Угриноска, беше испратена јасна порака дека кога девојките и жените немаат еднакви услови да го развијат својот потенцијал, целото општество губи можности за иновации, различни перспективи и поефикасни решенија.
