Во Крвавиот масакр во Краков напаѓачот се соочува со девет обвиненија за убиство, меѓу жртвите и неговото семејство
Полските обвинители ја отворија истрагата како сомнение за терористичко дело. Осомничениот е во критична состојба по неколку операции и сè уште не може да биде сослушан.
Полските обвинители подготвуваат шест обвиненија за убиство против 24-годишниот осомничен за вооружениот напад во центарот на Краков, а бројот може да се зголеми на девет доколку истрагата утврди дека тој е одговорен и за смртта на тројца членови на неговото семејство, објави денеска американската телевизиска мрежа ABC News, повикувајќи се на обвинителот Томаш Вашчук.
На 24-годишниот Полјак му се подготвуваат обвиненија за шесте лица убиени во пукањето на главниот плоштад во Краков. Дополнителните три жртви се неговите татко, мајка и сестра, чии тела беа пронајдени во семејниот дом во градот Островјец Швјентокшиски.
Обвинителот Вашчук за ABC News изјавил дека бројот на обвиненија за убиство може да достигне девет доколку се докаже дека осомничениот е одговорен и за смртта на членовите на семејството. Засега, околностите под кои тие починале се предмет на истрага.
Полското обвинителство во неделата официјално отвори истрага за пукањето, квалификувајќи го случајот како сомнение за терористичко дело. Истрагата се однесува на убиството на шест лица со огнено оружје и обидот за убиство на повеќе други, меѓу кои и полициски службеници.
Осомничениот бил ранет во престрелка со полицијата за време на потерата и апсењето. Според информациите на ABC News, тој преживеал, но се наоѓа во критична состојба во болница во Краков, каде што бил подложен на неколку операции. Полицијата го обезбедува, а поради неговата здравствена состојба сè уште не е формално приведен и не е сослушан. Обвинителите чекаат лекарите да проценат кога ќе биде способен да даде исказ.
Во нападот на главниот плоштад во Краков, во саботата попладне, загинаа шест лица, а беа повредени 16 други. Меѓу загинатите е и 32-годишен британски државјанин. Повредени се и двајца полициски службеници кои интервенирале против напаѓачот.
Полскиот министер за внатрешни работи Марчин Кјервински претходно изјави дека првичните наоди укажуваат на можно влијание на крајнодесничарска идеологија врз осомничениот, за кого рече дека имал радикални и ултранационалистички ставови.
Полска прогласи дводневна национална жалост, која започна во неделата, додека истражните органи продолжуваат со собирањето докази и проверката на околностите на нападот.

