АРТВЕСТИ

Промоција на „Збор по збор“: Осум бесплатни илустрирани книги за изучување на влашкиот јазик

Овој петок (13 ноември), со почеток во 18:30 часот, во просториите на „Europe House“ во Скопје ќе се одржи промоцијата на проектот „Збор по збор“, кој е посветен на промоција и зачувување на влашкиот јазик.

Проектот опфаќа осум илустрирани книги наменети за деца, придружени со соодветна аудио содржина. Организаторите од здружението „Тихе Тихеон“ – Скопје посочуваат дека целта е преку еден нов и креативен пристап да се поттикне учењето на јазикот уште од најрана возраст.

Настанот е од отворен карактер и организаторите ги покануваат сите заинтересирани граѓани да присуствуваат со своите најмлади членови од семејството. Како што е најавено, сите промовирани детски книги ќе бидат целосно бесплатни.

„Да го зачуваме нашиот јазик. Влашкиот јазик. Збор по збор“, порачуваат организаторите во својата јавна покана.

Инаку, оваа публикација и придружната онлајн содржина се реализирани со финансиска поддршка од Министерството за односи меѓу заедниците.

Back to top button