ВЕСТИИМПУЛСМАГАЗИН

Роберт Патинсон на аудиција за Џејмс Бонд: Бетмен може да стане и агент 007

Актерот наводно бил меѓу петтемина кандидати кои учествувале на тестирањата за новиот филм на Денис Вилнев, а во трката е и Николас Холт

Роберт Патинсон, актерот кој го игра Бетмен во филмската франшиза на DC, наводно учествувал на аудиција за улогата на Џејмс Бонд во претстојниот 26-ти филм за британскиот таен агент, објавија „Варајети“ и „Холивуд репортер“.

Според информациите објавени во петокот, 6 ноември, Патинсон бил меѓу актерите кои учествувале на тестирањата за улогата во Лондон за време на викендот на 24 октомври. Информацијата ја потврди и „Врап“, повикувајќи се на претходниот извештај на „Холивуд репортер“.

Во кругот на потенцијални наследници на Даниел Крег се споменуваат и Калум Тарнер, Џек Лоуден и Џош О’Конор. Дополнително, како ново име во процесот се појави и Николас Холт, актерот кој претходно беше меѓу кандидатите за улогата на Бетмен, но на крајот ја загуби од Патинсон.

Една од интересните околности е што Патинсон веќе соработуваше со режисерот на новиот филм за Бонд, Денис Вилнев, на претстојниот филм „Дина: Трет дел“. Филмот треба да пристигне во кината на 18 декември годинава.

Вилнев е ангажиран да го режира новиот филм за 007, додека сценариото го пишува Стивен Најт, авторот на серијата „Пики Блајндерс“. Продуценти се Ејми Паскал и Дејвид Хејман.

Интересно е што Патинсон уште во 2012 година зборуваше за можноста еден ден да го игра Џејмс Бонд. Во интервју за „Сан“, кога имаше 26 години, актерот изјави дека би сакал да ја добие улогата, но не веднаш, додавајќи дека не би сакал Бонд да биде претставен како премногу млад и неискусен лик.

„Нема ништо полошо од идејата да се добие некој свежолик Бонд“, изјави тогаш Патинсон.

Amazon MGM Studios засега не ги коментира информациите за актерите кои учествувале на тестирањата. Ниту еден актер официјално не е избран за наследник на Даниел Крег, кој последен пат се појави како агентот 007 во филмот „Не е време за умирање“ од 2021 година.

Back to top button