ВЕСТИИМПУЛССПОРТ
Во тренд

Манчестер јунајтед го отпушти Мајкл Карик, Покетино е договорен за негов наследник

Англискиот клуб ја прекина соработката со тренерот по катастрофалниот почеток на сезоната, а аргентинскиот стратег, кој моментално ја предводи репрезентацијата на САД, веќе постигнал начелен вербален договор со раководството на „црвените ѓаволи“.

Манчестер јунајтед денеска го отпушти Мајкл Карик од функцијата главен тренер, по серијата разочарувачки резултати и најлошиот почеток на сезона на клубот во Премиер-лигата во последните четири децении, објави „Скај спортс“.

Клубот соопшти дека по разочарувачкиот почеток на сезоната дошол до заклучок дека е неопходна промена за да ги оствари своите амбиции.

„Мајкл е и секогаш ќе биде легенда на Манчестер јунајтед. И како играч и во неговиот последен ангажман во клубот, тој се однесуваше со највисоко ниво на посветеност и професионализам“, се наведува во соопштението на клубот.

Карик ја презеде екипата во јануари, првично како привремено решение по заминувањето на Рубен Аморим. По успешниот период, во кој успеа да го врати тимот во Лигата на шампионите и да го одведе до третото место во Премиер-лигата минатата сезона, во мај доби постојан договор до 2028 година.

Сепак, новата сезона донесе целосен пресврт. Манчестер јунајтед забележа само една победа во првите десет првенствени натпревари и се најде во зоната за испаѓање. Во сите натпреварувања тимот има само три победи од почетокот на сезоната.

Последниот натпревар на Карик беше драматичното реми 4:4 против Астон вила на 8 ноември.

Според „Гардијан“, одлуката за неговото заминување била донесена по анализата на спортското раководство, а конечната согласност ја дал ко-сопственикот Џим Ретклиф, по состаноците со извршниот директор Омар Берада и директорот за фудбал Џејсон Вилкокс во Монако.

Покетино постигнал начелен договор со Јунајтед

Како главен кандидат за наследник на Карик се наметнува Маурисио Покетино, актуелниот селектор на фудбалската репрезентација на САД.

Според „Скај спортс“, Манчестер јунајтед веќе има договор со аргентинскиот тренер на начелно ниво, односно усогласена вербална рамка за негово преземање на функцијата. И „Гардијан“ објави дека Покетино има начелен договор со клубот.

За неговото ангажирање ќе биде потребно да се реши и прашањето со актуелниот договор со Фудбалската федерација на САД, кој неодамна беше продолжен до Светското првенство во 2030 година. Според медиумските извештаи, откупната клаузула изнесува околу седум милиони фунти.

Покетино има значително искуство во англискиот фудбал. Ги предводеше Саутемптон, Тотенхем и Челзи, а со Тотенхем стигна до финалето на Лигата на шампионите во 2019 година. Работеше и во Пари Сен Жермен, со кој ја освои француската титула.

Аргентинецот ја презеде репрезентацијата на САД во октомври 2024 година и ја водеше на Светското првенство во 2026 година.

Според „Скај спортс“, Јунајтед сака што побрзо да го заврши процесот на назначување постојан наследник на Карик. Наредниот голем предизвик за клубот е гостувањето кај Ливерпул на „Енфилд“ на 22 ноември.

Back to top button