ВЕСТИИМПУЛСМАГАЗИН

Норвешка го гради најдолгиот и најдлабокиот подводен патен тунел во светот (ФОТО)

Проектот „Рогфаст“, долг 27 километри и длабок речиси 400 метри, ќе го скрати патувањето меѓу Берген и Ставангер за 40 минути, заменувајќи ги фериботите со футуристички подводен автопат кој треба да биде готов до 2033 година.

Во Норвешка е во тек изградбата на најдолгиот и најдлабокиот подводен патен тунел во светот, чија цел е да го скрати времето на патување меѓу големите градови и да стане дел од крајбрежниот автопат кој ќе функционира целосно без фериботи. Проектот наречен „Рогфаст“ (Rogfast) ќе биде долг 27 километри, а во својата најниска точка ќе достигне неверојатна длабочина од 392 метри под нивото на морето.

Изградбата започна во јануари 2018 година, но беше стопирана кон крајот на 2019 година поради предвидените пречекорувања на трошоците, што доведе до преструктуирање на проектот. Работата продолжи на крајот на 2021 година, а тунелот сега треба да биде пуштен во употреба во 2033 година, по цена од приближно 25 милијарди норвешки круни (околу 2,4 милијарди долари).

Влезови во изградба на тунелите Рогфаст во Норвешка

Со замена на сегашните фериботски линии, „Рогфаст“ ќе го намали времето на патување меѓу Берген и Ставангер (вториот и четвртиот по големина норвешки град) за околу 40 минути. Тунелот ќе се состои од две одвоени цевки, секоја со по две сообраќајни ленти наменети исклучиво за патен сообраќај. Еден од најинтересните дизајнерски елементи се наоѓа на половина пат – двоен кружен тек на длабочина од 260 метри, кој води до поврзувачки тунел кон островот Квитсој, најмалата норвешка општина.

Внатрешноста на тунелот Рогфаст во изградба. Работници во заштитни униформи

Градењето подводен тунел со ваква должина и длабочина носи огромни технолошки предизвици. За да се заштеди време, „Рогфаст“ се копа од двата краја истовремено, со цел двете екипи да се сретнат во средината со маргина на грешка од само 5 сантиметри. За ваква прецизност се користи врвна ласерска опрема која собира по 2 милиони податочни точки во секунда, создавајќи „дигитален близнак“ на тунелот. Главниот предизвик досега, според проект-менаџерот Ане Брит Моен, се силните протекувања на солена вода и изнаоѓањето соодветни методи за запечатување на карпите на длабочина од речиси 400 метри.

Илустрирана мапа од комплексот Рогфаст

„Рогфаст“ е еден од најамбициозните делови од планот за реконструкција на крајбрежниот автопат Е39, долг 1.100 километри, кој се протега од Трондхајм до Кристијансанд. Целта е до 2050 година целата рута, за која денес се потребни 21 час возење и седум фериботи, да стане непрекината патна мрежа со што времето на патување би се преполовило. Иако тунелот под Ламанш и јапонскиот Сеикан имаат подолги подводни делници, тие се наменети само за железнички сообраќај и се наоѓаат на значително помала длабочина од норвешкиот мега-проект (Ламанш на 115 метри, Сеикан на 240 метри).

Фото: Skanska

Back to top button