
Британскиот актер Роберт Патинсон е официјално избран за новиот Џејмс Бонд и ќе го наследи Даниел Крег во улогата на најпознатиот таен агент во филмската историја. Веста ја потврди студиото Amazon MGM Studios, а ја објавија и британскиот BBC.
Патинсон, кој има 40 години, ќе биде седмиот актер што ќе го толкува агентот 007 во официјалната филмска серија. „Да се каже дека оваа улога е остварување на сонот е премалку“, изјави актерот по објавувањето на веста.
Режисерот на новиот филм, Денис Вилнев, кој стои зад филмскиот серијал „Дина“, изјави дека Патинсон има „безвременска душа на 007“ и дека е пресреќен што токму тој ќе ја преземе улогата.
„Бевме опкружени со извонредни актери, но може да има само еден 007“, порача Вилнев, заблагодарувајќи им се на сите актери кои учествувале во процесот на избор.
Новиот, 26-ти филм за Џејмс Бонд ќе го режира Денис Вилнев, познат по филмовите „Дина“, „Блејд ранер 2049“ и „Пристигнување“. Сценариото го пишува Стивен Најт, креаторот на популарната серија „Peaky Blinders“.
Продуценти се Ејми Паскал и Дејвид Хејман, додека Танја Лапоинт ќе биде извршна продуцентка. Ова ќе биде првиот филм за Бонд под целосна креативна контрола на Amazon MGM Studios, откако компанијата ја презеде контролата врз франшизата.
Во мај годинава студиото објави дека започнал процесот на избор на новиот Бонд. Во медиумите претходно се споменуваа имињата на Калум Тарнер и Џек Лоуден, а во последната фаза од изборот биле разгледувани и други британски актери.
Патинсон стекна светска популарност со улогата на Едвард Кален во филмската сага „Самрак“, а подоцна го привлече вниманието и со улогата на Бетмен. Со изборот за Бонд, тој презема една од најпрепознатливите улоги во светската кинематографија.
Засега не е објавен датумот за премиерата на новиот филм.



