АРТВЕСТИЕДНАКВИИМПУЛС

Инклузивна промоција во Крушево: Денис Јанкуловски – Космонаутко со три нови сликовници на фестивалот „When in Krusevo“

КРУШЕВО – Во рамките на познатиот фестивал на отворено „When in Krusevo“, утре (недела, 5 јули) со почеток во 12:00 часот, на локацијата Гумење ќе се одржи инклузивна промоција на три нови сликовници од авторот Денис Јанкуловски – Космонаутко. Настанот ќе биде посветен на детската литература која промовира инклузивност, пријателство и еднаквост меѓу децата.

Станува збор за делата „Големиот сон“, „Другарко“ и „Другарка, Другарко и две маченца“. Трите сликовници се збогатени со илустрации изработени од уметниците Наташа Костовска и Алексеј Костовски.

Дружење со омилените ликови и инклузивна порака

За време на промотивниот настан, авторот Јанкуловски ќе зборува за создавањето на сликовниците, а најмладите и присутните посетители ќе имаат можност одблизу да се запознаат со приказните за омилените детски ликови. Меѓу нив се ѕвездата Тина која сонува големи соништа, препознатливите ликови Другарко и Другарка, како и мачињата Рони и Бони.

Како поддршка на оваа инклузивна промоција, со свои настапи пред крушевската публика ќе се претстават и Стефи Кикеркова, Јани Димитриески и Благој Стојановски. Организаторите ги покануваат сите дечиња, родители и вљубеници во пишаниот збор да бидат дел од овој настан кој преку креативност ја испраќа пораката за заедништво и прифаќање на различностите.

Back to top button