ВЕСТИСТАВ

Не ја плукајте, Македонија немала поуспешна политичарка

Ивана ЈОРДАНОВСКА

Секогаш ме вчудоневидувале луѓето коишто имаат огромни одговорности, а нивниот ден како да трае 28 часа. А, спијат по 2 и пол часа. Па стигнуваат да бидат секаде каде што треба, да завршат сѐ како што треба и да имаат и сопствен, приватен живот некаде попат. Но, можеби најневеројатно ми е кога истите остануваат нормални, достапни, пријатни и невообичаено човечки. Почовечки од некои други „човеци“ со многу помалку носено и износено на своите плеќи.

Како професорот од Станфорд, којшто можеби го промаши крајот на историјата, но ми одговори уште истиот ден на емаилот што му го пратив. И веднаш се сложи да се видиме следната недела во неговата канцеларија. Првите десет минути ме слушаше внимателно за моите планови, а во следните десет минути се сложи да ми ја напише препораката за докторските програми. Прв ја испрати на сите програми. Како да не беше еден од редовните професори на еден од најпознатите универзитети, како да не го бараа да гостува и зборува низ целиот свет, како да не пишуваше уште една книга. Како мојата препорака да му беше исто толку важна колку и на мене.

Друга таква личност е и Радмила Шекеринска. Знам, знам, не предава на Станфорд. Иако, мислам дека карактер како нејзиниот, да се решеше, ќе успееше и во тоа. Ама за тоа отом-потом. Муабетот ми беше за нешто друго. Дури и во најгустите моменти, кога била најзафатена, кога била на сите телевизии, кога била очекувана и пречекувана ширум полуостровов, континентот и подалеку, никогаш не оставила неодговорен повик, порака или емаил. Без разлика дали сум имала потреба од совет, препорака, мислење, или пак едноставно, сум имала потреба да споделам. И јас тоа го ценам, на едно многу човечко ниво.

Од професионална гледна точка, како човек што со години се усовршува во областа на политички науки и меѓународни односи, можам да заклучам само една работа: Македонија немала, во последните 20 години, а можеби и подолго, поефективен и ефикасен менаџер на јавна установа. Тоа што Шекеринска досега не била премиерка е еден страшен, очаен неуспех на нашето општество да препознае што му треба.

И не, не сум во заблуда за нејзините маани. Да, ги има, исто како и сите ние. Ама, ќе ги разочарам повеќето „јаки на тастатура“ деновиве дека не се тие што вие си мислите. Ни блиску, ни далеку, ама не да сте ја промашиле темата, сте ја промашиле вселената. Но, бидејќи сме научени да плукаме, а не и да пофалиме, овој пат нема да ги споменам нејзините маани. Можеби во некоја идна прилика. Овој пат е само за позитивата.

Македонија немала поуспешна и поквалитетна политичарка. Нека не ми замерат колешките и познаничките. Ако се молам за нешто секојдневно е дека ќе се најде и создаде и изгласа во Македонија политичарка уште подобра од Радмила. Прва ќе ја гласам и прва ќе бидам на барикадите. Ама, не сме стигнале дотаму сѐ уште. Дотогаш, Радмила е најголемиот индивидуален успех во меѓународните односи со кој ја имаме честа да делиме татковина.

Со други зборови… Не ја плукајте, оти плунката ни стои на образот.

Текстот е личен став. Преземено од ФБ профилот на Авторката
Back to top button