Светски ден на змиите: Бесплатна проекција на документарецот „Европа: Еден континент, пет света“ во Кинотека

По повод Светскиот ден на змиите, Македонското еколошко друштво (МЕД) утре, петок (17 јули), организира бесплатна проекција на првата епизода од амбициозниот документарен серијал за дивиот свет „Европа: Еден континент, пет света“. Настанот ќе се одржи во летното кино во дворот на Кинотеката на Македонија во Скопје, со почеток во 20:30 часот.
Станува збор за првиот ваков серијал во целост посветен на природните убавини на европскиот континент. Продукцијата е на германската куќа „Light and Shadow TV“, а снимањето траело повеќе од 1.000 денови на 50 различни локации во речиси 30 земји. Она што го прави овој проект особено значаен за домашната јавност е фактот што дел од серијалот е снимен на Голем Град – најголемиот природен остров на македонска територија, познат по своето исклучително природно богатство и популација на влекачи.
Веднаш по завршувањето на филмот, публиката ќе има ретка можност одблизу да се запознае со предизвиците на истражувањето на терен.
„По проекцијата ќе следи разговор со Драган Арсовски, херпетолог во МЕД, кој беше директно вклучен во подготовките на странската екипа за снимањето на островот и кој редовно ги спроведува научните истражувања на влекачи и водоземци на Голем Град“, информираат од Македонското еколошко друштво.
Филмот е целосно преведен на македонски јазик, содржината е едукативна и соодветна за сите возрасти (вклучително и за деца), а влезот за сите посетители е бесплатен. Настанот нуди одлична можност за подигање на свеста за заштита на биолошката разновидност и кршење на предрасудите поврзани со влекачите во нашата земја.
