АВТОВЕСТИТРЕНД

Mitsubishi Pajero се враќа со целосно нов теренец [ФОТО]

По пет години отсуство од глобалниот пазар, Mitsubishi Pajero се враќа со целосно нова генерација. Јапонскиот производител денеска ја одржа светската премиера на моделот и го позиционира како нов предводник на марката – теренец што треба да го спои наследството на Pajero со значително повеќе технологија, комфор и премиум чувство.

Новиот Pajero останува верен на она по што стана познат. Изграден е на цврста ladder-frame шасија, има Super Select 4WD-II погон и систем S-AWC, кој електронски ги контролира забрзувањето, управувањето и сопирањето за подобра стабилност на различни подлоги.

Под хаубата е ново развиен 2,4-литарски турбодизел со максимален вртежен момент од 480 Nm, поврзан со нов осумстепен автоматски менувач. Растојанието од подлогата изнесува до 230 милиметри, што јасно покажува дека Mitsubishi не сакал Pajero да стане само уште еден луксузен SUV.

Во кабината, сепак, промената е огромна. Централно место имаат два поврзани екрани од 14,3 инчи, а Mitsubishi дигитално го враќа и препознатливиот троен инструмент од старите генерации. Новиот Multi Meter може да прикажува надморска височина, компас, температура, наклон на возилото и информации за работата на системот за погон.

Ентериер на Mitsubishi Pajero
Ентериер на новиот теренец Pajero..Фото: Mitsubishi Motors

Понуден е и аудиосистем Dynamic Sound Yamaha Ultimate со 12 звучници и два засилувачи.

Pajero дебитираше во 1982 година и низ четири генерации беа произведени повеќе од 3,29 милиони примероци. Моделот изгради и легендарна репутација на релито Дакар, каде Mitsubishi забележа 12 победи, од кои седум последователни.

Новиот Pajero прво ќе се продава во Тајланд, потоа во Јапонија и Австралија во текот на фискалната 2026 година. Од 2027 година Mitsubishi планира постепено да го понуди во околу 100 земји.

Цените и точната понуда за европските пазари засега не се објавени.

Д. Д.

Back to top button