
По две години игнорантски однос, Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ) информира дека конечно е отворен дијалогот за Колективниот договор и Законот за култура, откако претставници на синдикатот оствариле работна средба со министерот за култура и туризам, Седат Сулејмани.
Според соопштението од СКРМ, оваа средба претставува важен чекор и потврда дека без силен и истраен синдикат нема вистински социјален дијалог. На состанокот е договорено формирање на две работни групи составени од претставници на Министерството и на Синдикатот. Првата група ќе биде посветена на Колективниот договор, кој моментално е во процедура пред Уставниот суд, додека втората ќе работи на Законот за култура, каде што СКРМ најавува активно и директно учество со цел законските решенија да ги одразат реалните потреби на вработените.
На средбата биле отворени и повеќе децениски прашања кои ги засегаат културните работници. Посебно внимание било посветено на исплатата на стручните звања во дејноста заштита, при што од СКРМ јасно го истакнале ставот дека правата не смеат да зависат од лични одлуки, критикувајќи го селективното исплаќање од страна на претходниот министер. Отворено е и прашањето за унапредувањата во театарската дејност. Од Синдикатот бараат еднакви критериуми, транспарентност и правичност, посочувајќи дека додека некои актери со години чекаат унапредување, постојат случаи на селективни унапредувања на поединци дури и по двапати во повисока група.
Истовремено, се разговарало и за потребата од системско и правично решение за бенефицираниот стаж на балетските уметници, прашање кое е од особено значење поради физичката тежина и специфичноста на оваа професија.
„За СКРМ, ова не е само формален состанок. Ова е почеток на процес во кој синдикатот мора да има место на масата каде што се носат одлуките за работниците. Правата на културните работници не треба да бидат предмет на дневна политика, селективно толкување или празни ветувања. Културата не ја создаваат институциите на хартија, културата ја создаваат луѓето што работат во неа“, порачуваат од Синдикатот.
Од СКРМ заклучуваат дека позитивниот став на министерот Сулејмани за сите отворени прашања им остава простор за верба дека договорениот дијалог навистина ќе се преточи во конкретни решенија и резултати.



