ВЕСТИМАКЕДОНИЈАРЕПУБЛИКАСПОРТ

„Трчаме со срце“: 290 учесници на хуманитарната трка по повод 25 години СОС Детско село

Во Градскиот парк во Скопје на 19 септември се одржа јубилејната „СОС Хуманитарна трка“ под мотото „Трчаме со срце“, на која 290 тркачи застанаа на стартната линија за да дадат придонес за децата и младите на кои им е потребна поддршка. Настанот, кој се организира по повод 25-годишнината од постоењето на СОС Детско село, за првпат ги обедини компаниите од ИТ-заедницата и индивидуалните тркачи.

На патеката долга четири километри во форма на срце, учествуваа 160 тимски тркачи од 21 ИТ-компанија во рамки на иницијативата „IT4Charity“, како и 130 индивидуални учесници. Покрај главната трка, настанот беше збогатен со Детско катче каде што најмладите твореа и оставаа пораки, како и донаторското катче „Мече на грижа“ каде што посетителите донираа средства во замена за брендирано СОС меченце.

Од СОС Детско село посочуваат дека целта на настанот е да се сплотат што повеќе луѓе околу мисијата ниту едно дете да не расте само. „На стартот видовме голем број хумани луѓе кои покажаа дека грижата за децата не е само наша мисија, туку нешто околу кое можеме да се обединиме како заедница“, велат од организацијата.

Оваа трка е дел од низата активности за одбележување на 25-годишниот јубилеј на организацијата која е посветена на создавање сигурна средина и зајакнување на семејствата во ризик. Преку своите програми, СОС Детско село Македонија досега има поддржано повеќе од 6.090 деца, млади, згрижувачи и семејства, помагајќи им на патот кон самостоен живот и сигурна грижа.

Back to top button