ВЕСТИИМПУЛССПОРТ
Во тренд

Последни часови од трансфер-пазарот на најсилните фудбалски лиги во Европа – Англија, Шпанија и Италија

Фудбалска Европа влегува во последните часови од летниот трансфер-пазар, а клубовите од Премиер лигата, Ла Лига и Серија А денеска ја имаат последната можност да ги комплетираат своите екипи. „The Guardian“ утрово го следи Deadline Day во живо, со неколку потенцијално огромни трансфери кои сè уште се во фаза на преговори.

Роковите, сепак, не се исти.

Италијанските клубови мора да ги регистрираат новите фудбалери најдоцна до 20:00 часот по средноевропско време, Шпанија го остава пазарот отворен до 23:59, а Премиер лигата до 23:00 по британско време, односно до полноќ по македонско време.

Во Англија, доколку клубовите до крајниот рок достават документ дека имаат постигнат договор, може да добијат дополнително време за завршување на административните процедури.

Ливерпул веќе го направи еден од најголемите трансфери

Една од најголемите зделки на крајот од преодниот рок веќе е завршена.

Ливерпул официјално го ангажираше францускиот репрезентативец Бредли Баркола од Пари Сен Жермен. Клубот не ја објави сумата, но според „The Guardian“ договорот изнесува почетни 106 милиони фунти, а со бонуси може да достигне 123 милиони фунти.

Баркола потпиша долгорочен договор и ќе го носи бројот 29.

Французинот во три сезони за ПСЖ одигра 152 натпревари, постигна 39 голови и запиша 35 асистенции, а со парискиот клуб освои и две последователни титули во Лигата на шампионите.

Ливерпул, според последните информации, нема намера да го продаде Коди Гакпо и веќе одбил понуда од околу 80 милиони фунти од Манчестер Сити. Кристал Палас, исто така, утрово останува на ставот дека Исмаила Сар нема да биде продаден, откако одбил понуда од Ливерпул.

Манчестер Сити може да биде главниот актер на денот

Најголемото внимание денеска е насочено кон Манчестер Сити.

Според „The Guardian“, клубот е пред договор за Илиман Ндиаје од Евертон, откако сенегалскиот репрезентативец се определил за Манчестер наместо за Тотенхем. Претходните информации говорат за пакет вреден до 65 милиони фунти, односно околу 60 милиони фиксно и дополнителни бонуси. Трансферот во моментот на подготовка на текстот сè уште не е официјално објавен од клубовите.

Но уште поголема зделка би можела да биде Енцо Фернандез.

Сити започна разговори со Челси за аргентинскиот репрезентативец, а англиските медиуми го вбројуваат ова меѓу главните трансфери што треба да се следат до затворањето на пазарот.

Важно е дека засега станува збор за преговори, а не за завршен трансфер. Челси паралелно разгледува можни замени во средниот ред, меѓу кои Ману Коне од Рома и Ламин Камара од Монако.

Доколку Ндиаје замине во Манчестер, Евертон веќе работи на враќање на Џек Грилиш на позајмица од Сити. Грилиш и минатата сезона играше како позајмен фудбалер во Евертон.

Арсенал продава, но бара и нов напаѓач

И шампионот Арсенал може да има исклучително динамичен последен ден.

Габриел Мартинели се очекува да го комплетира трансферот во Ал Хилал за околу 56 милиони фунти, што би претставувало рекордна продажба за Арсенал, додека Габриел Жесус е поврзуван со заминување во Барселона.

Истовремено, Борусија Дортмунд постигнала договор за едногодишна позајмица на Итан Нванери. Младиот Англичанец треба да добие поголема минутажа во Германија.

Арсенал, пак, сè уште бара уште едно офанзивно засилување.

Една од најголемите потенцијални бомби беше Хулијан Алварез од Атлетико Мадрид, но утринските информации од Англија велат дека Аргентинецот не е убеден дека сака преселба во северен Лондон. Поради тоа Арсенал разгледува и други опции, меѓу кои Малик Фофана од Лион.

Челси испраќа уште еден млад напаѓач во Германија

Една зделка веќе е завршена утрово.

Марк Гиу го напушти Челси и се пресели во РБ Лајпциг. Младиот напаѓач пристигна на „Стемфорд Бриџ“ од Барселона пред две години, но не успеа да обезбеди редовна минутажа во првиот тим.

Челси би можел да има уште излезни трансфери. Голманот Роберт Санчез е поврзуван со позајмица во Комо, додека иднината на неколку други играчи останува отворена до крајот на денот.

Волтемаде лета за Торино

Во Италија часовникот отчукува побрзо – пазарот се затвора во 20 часот.

Една од најинтересните денешни приказни е германскиот напаѓач Ник Волтемаде, кој утрово патува за Торино за лекарски преглед пред трансфер во Јувентус.

Според „The Guardian“, станува збор за едногодишна позајмица, за која Јувентус треба да плати околу 3,5 милиони фунти. Волтемаде само пред една година пристигна во Њукасл од Штутгарт за рекордни 69 милиони фунти.

Истовремено, Њукасл е пред ангажман на белгискиот репрезентативец Матијас Фернандез-Пардо од Лил, за сума што се проценува меѓу 51 и 55 милиони фунти.

Фиорентина, пак, работи на трансферите на Бето од Евертон и Вилфрид Гнонто од Лидс. Football Italia објавува дека за Бето е договорена сума од околу 18 милиони евра, додека Гнонто би пристигнал на позајмица со опција за откуп, но неговото заминување зависи и од тоа дали Лидс ќе обезбеди замена.

Рома претходно го комплетираше трансферот на Мартен де Рон од Аталанта.

Во Шпанија уште 29 потенцијални трансфери

Во Ла Лига клубовите имаат речиси четири часа повеќе од италијанските ривали.

Шпанскиот пазар се затвора во 23:59 часот, а „AS“ утрово проценува дека дури 29 потенцијални засилувања сè уште се отворени кај клубовите од првата лига. Шпанските клубови досега потрошиле повеќе од 700 милиони евра во летниот преоден рок.

Реал Мадрид, Атлетик Билбао и Виљареал не очекуваат големи движења во последните часови, но ситуацијата е многу поактивна кај Барселона, Атлетико Мадрид, Бетис, Севиља и уште неколку клубови.

Барселона се поврзува со Габриел Жесус, додека Атлетико Мадрид работи на можен трансфер на Џонатан Дејвид и истовремено ја следи ситуацијата околу Хулијан Алварез.

Бетис, пак, повторно се поврзува со Дани Себаљос, а Рајо Ваљекано би можел да заврши дури пет засилувања до крајот на денот.

Каде трансферите можат да продолжат и по денеска?

За фудбалерите кои нема да најдат нов клуб денеска, летниот пазар не се затвора насекаде.

Според календарот што го пренесува „The Guardian“, Холандија го затвора прозорецот на 2 септември, Шкотска на 3 септември, Турција на 4 септември, Русија на 10 септември, а Португалија дури на 15 септември.

Саудискиот пазар останува отворен значително подолго – до 12 октомври.

Тоа значи дека европските клубови и по денешното затворање би можеле да продаваат играчи во дел од овие лиги, иако повеќе нема да можат да ангажираат нивни замени во Англија, Шпанија и Италија.

До вечерта затоа остануваат неколку големи прашања: дали Манчестер Сити ќе успее да го донесе Енцо Фернандез, дали ќе биде официјализиран Ндиаје, дали Арсенал ќе пронајде ново офанзивно засилување и кои клубови ќе ги завршат договорите буквално во последните минути.

Deadline Day традиционално носи токму такви зделки – договорени додека часовникот веќе го одбројува последниот час.

Д. Д.

Back to top button