
Најавениот „мастер план“ на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, е само обид да дојде на власт по секоја цена преку исполнување на барањата на Бугарија со впишување на Бугарите во Уставот и завршување на она што го почна Зоран Заев, обвинуваат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата реагираат на изјавите на Филипче кој, според нив, постојано повторува дека немало подобра преговарачка рамка, иако токму таа рамка ја држи државата заглавена пред вратата на Европската Унија. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Филипче препишува од бугарскиот претседател Румен Радев и ја повторува тезата дека бугарското барање е европска позиција, а не билатерален спор.
Владејачката партија се осврна и на поплаките на лидерот на СДСМ за нарушениот углед, возвраќајќи дека угледот си го урнале самите тие преку, како што велат, скандалите во здравството и бизнисите со марихуана.
Воедно, од ВМРО-ДПМНЕ го прозиваат Филипче дека молчи за прашањето околу моштите на Цар Самуил и се обидува одговорноста да ја префрли на историчарите, заклучувајќи дека неговиот план подразбира нови отстапки на штета на националните интереси на државата.
