Австрискиот амбасадор Памер: Јавната администрација е преголема, но ѝ недостигаат компетентни кадри
Австрискиот амбасадор Мартин Памер за време на посетата на Дневниот центар „Гнездо“, ја посочи јавната администрација како клучен предизвик
Еден од најголемите предизвици со кои се соочува Владата на Северна Македонија е функционалноста на јавната администрација, истакна австрискиот амбасадор во земјава, Мартин Памер, во разговор со новинарите за време на посетата на Дневниот центар „Гнездо“ во Скопје, наменет за деца во социјален ризик.
Според амбасадорот Памер, како што пишува СДК.мк, проблемот при реализацијата на проектите често не е во недостигот на финансиски средства, бидејќи државата има пристап до значајна поддршка, туку во менаџирањето со процесите. Тој посочува дека јавната администрација е во исто време преголема, но и недоволно екипирана со компетентни, соодветно платени и посветени кадри кои се способни да ја организираат државата.
„На прв поглед, тоа изгледа многу едноставно, но кога ќе започнете со реализација, работите веќе не се толку едноставни. Во суштина, она што се случува е дека дури и во рамките на мојата функција, честопати морам секојдневно или на неделно ниво да се осигурам дека луѓето навистина ги извршуваат своите работни задачи“, објаснува Памер за СДК.мк.
За време на посетата на „Гнездо“ – центар отворен лани од „Новинари за човекови права“ со австриска поддршка од 500.000 евра, аташето за социјални прашања Харалд Бреза-Фугер предупреди на недостигот на континуирано финансирање на ваквите услуги. Тој нагласи дека кадрите во центрите за социјална работа се далеку од доволни, особено во општините како Шуто Оризари, додавајќи дека иако течат реформи поддржани од УНИЦЕФ, предизвиците се сè уште огромни, особено за ромската заедница.
Во Центарот „Гнездо“ вкупно се запишани 106 деца (жртви на семејно насилство, сиромашни, деца на улица или на родители-зависници), од кои 35 редовно доаѓаат и добиваат оброци. Овие напори се клучни ако се земе предвид предупредувањето од Македонската платформа против сиромаштија дека 22 отсто од граѓаните во државата живеат под линијата на сиромаштија, додека фрапантни 38 отсто од децата се наоѓаат во состојба на повеќедимензионална сиромаштија и живеат во ризични услови.
Дневниот центар „Гнездо“ на „Новинари за човекови права“ го посетија австрискиот аташе Харалд Бреза Фугер, амбасадорот Мартин Памер и Матијас Пош од Секторот за европска, меѓународна и социјална политика при австриското Сојузно министерство за труд, социјални работи, здравство, нега и заштита на потрошувачите.
Интервју со Андреа Накова: „Гнездо“ – место каде што секое дете заслужува шанса за подобра иднина

