ВЕСТИРЕПУБЛИКА

Бесплатни тренинзи за деца од 10 до 14 години преку проектот „Кошарка за секое дете“ во Пробиштип

Во Пробиштип се отворени уписите за бесплатни тренинзи за деца од 10 до 14 години преку проектот „Кошарка за секое дете“. Пријавувањето трае до 30 октомври.

Во Пробиштип започнува реализацијата на спортскиот проект „Кошарка за секое дете“, кој им овозможува на момчиња и девојчиња на возраст од 10 до 14 години бесплатно да тренираат кошарка и да се подготвуваат за младински натпреварувања, информираат од компанијата „Булмак 2016“, која го спроведува проектот во соработка со градоначалникот на Општина Пробиштип, Тони Тоневски.

Според организаторите, родителите ќе бидат целосно ослободени од трошоци за учество, а преку проектот ќе се обезбедат кошаркарски топки, реквизити за работа и спортска опрема за натпреварувачите. Предвидено е младите селекции да се натпреваруваат во категориите М12 и М14 во рамките на системот на Македонската кошаркарска федерација (МКФ). Тренажниот процес и програмата за работа ќе ги води младинскиот селектор Александар Јованчев заедно со локални кошаркарски тренери, додека за условите за работа е задолжен поранешниот кошаркар Давор Тоневски, раководител на флотација при компанијата.

Од организацијата посочуваат дека тренинзите ќе се одвиваат во двете спортски сали во градот кои исполнуваат услови за одржување на младински натпревари. Проектот е планирано да трае четири години, со цел да се создадат услови за развој на млади таленти и потенцијални идни репрезентативци. Со оваа иницијатива, компанијата „Булмак 2016“ одбележува 10 години од своето постоење.

Уписите за заинтересираните деца се отворени до 30 октомври, по што ќе бидат формирани групите и објавени термините за тренинг. Пријавувањето се врши преку лицата за контакт Никола Пеншов (070/249-331) и Александар Бранковски (075/333-531), се наведува во соопштението.

Back to top button