
Актерот Р.Џ. Мити, најпознат по улогата на Волтер Вајт Џуниор во хит-серијата „Breaking Bad“, почина на 34-годишна возраст во Браунсвил, Тексас, пренесува британски „Гардијан“.
Претставниците на актерот ја потврдија трагичната вест преку официјално соопштение во кое изразија длабока тага за загубата на, како што наведуваат, саканиот актер, филантроп и страстен борец за правата на лицата со попреченост. Според потврдата од неговиот публицист за медиумите, Мити си го одзел животот. Полицискиот оддел во Браунсвил соопшти дека нема сомнежи за насилна смрт или вмешаност на трето лице, додека судијата од округот Камерон, Синди Хинохоса, за новинската агенција Асошиејтед прес изјави дека врз телото ќе биде извршена обдукција.
Мити, кој и во приватниот живот живееше со церебрална парализа, својата лична борба ја преточи во улогата на синот на Волтер Вајт, кого го глумеше од својата 15-та година во вкупно 56 епизоди од прославената серија. Во соопштението од неговиот тим се нагласува дека црпејќи од сопственото искуство, тој донел автентичност во улогата и изградил платформа за подигнување на свеста и инклузијата на лицата со попреченост.
Актерот Р.Џ. Мите од „Breaking Bad“: Инклузијата трае 365 ден
Веста за неговата смрт предизвика низа реакции од неговите колеги, при што Брајан Кранстон преку објава на Инстаграм се прости од него, нарекувајќи го свој „сладок син од серијата“ и извонреден актер кој никогаш не дозволил попреченоста да му биде изговор. Кранстон откри дека пред неколку недели се допишувале за можна средба на ручек, изразувајќи огромна скршеност поради начинот на кој завршил неговиот живот.
View this post on Instagram
Актерот Арон Пол во својата изјава порача дека е со скршено срце и дека Мити многу ќе му недостига, додека Дин Норис преку социјалните мрежи истакна дека секогаш внимавал на него како на младо момче на сетот и дека неговата загуба е срцепарателна.
Според информациите на британскиот весник, само неколку дена пред смртта, Мити го промовирал својот нов филм „Разговор со странци“ (Talking to Strangers), најавен како романтична трагедија, а неодамна гостувал и во поткаст каде отворено зборувал за своето искуство во „Breaking Bad“. Тој беше роден во 1992 година и израснат во Мисисипи од посвоители, факт за кој во интервју од 2016 година изјави дека го дознал на осумгодишна возраст, но нагласи дека покрај тоа сознание никогаш во животот не се почувствувал несакано или како товар.
Ј. Ѓ.

