АРТВЕСТИ

Битолскиот народен театар со „Кориолан“ гостува на фестивалот „Волшебни ноќи во Бутринт“ во Албанија

На 25 септември, Народниот театар Битола ќе ја изведе претставата „Кориолан“ на престижниот фестивал „Волшебни ноќи во Бутринт“ (Magical Nights in Butrint), кој се одржува на уникатната сцена во античкиот театар Бутринт во Саранда, Албанија.

​Оваа современа адаптација на безвременската трагедија на Вилијам Шекспир, во режија на Џон Блондел, отвора актуелни прашања за власта, политичката одговорност, амбицијата и сложениот однос меѓу поединецот и општеството. Својата македонска премиера претставата ја имаше во рамките на 66-тото издание на „Охридско лето“, додека светската премиера се одржа на „Шекспир фринџ фестивал“ (Shakespeare Fringe Festival) во Верона.

​Во актерската екипа настапуваат Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска. Асистент на режијата е Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се дело на Благој Мицевски, за дизајнот на светло е задолжен Џонатан Хикс, светло мајстор е Горан Петровски, додека музиката е на Александар Димовски. Видеото е изработено од Владимир Переловски, инспициент е Оливер Петровски, а суфлер Мирјана Христовска.

​Фестивалот „Волшебни ноќи во Бутринт“ се одржува од 22 до 25 септември. Гостувањето во Албанија е уште едно во низата меѓународни претставувања на битолскиот театар, со што успешно продолжува фестивалското патување на „Кориолан“ на нови сцени и пред нова публика.

Back to top button