
Претставата „Бог на колежот“, која неодамна освои Гран при на фестивалот „Денови на комедија“, вечерва пристигнува пред струмичката публика. Копродукциската хит-претстава на Македонскиот народен театар (МНТ) ќе биде изведена во рамките на 34. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.
Изведбата е закажана за вечерва со почеток во 19:30 часот и се очекува да биде во главниот фокус на втората фестивалска вечер во Струмица. Работена по мотивите на светски познатата драма „Бог на масакрот“ (God of Carnage) од авторката Јасмина Реза, претставата е во адаптација и режија на Весна Петрушевска. Низ судирот на две семејства, оваа провокативна театарска приказна отвора низа прашања за ранливоста на човековата природа и распадот на општествените вредности, нудејќи им на гледачите 90 минути интензивно и бескомпромисно театарско искуство.
Во моќната актерска екипа настапуваат Ѓорѓи Јолевски, Дарја Ризова, Благој Веселинов и Наталија Теодосиева, придружувани од младите таленти од актерската школа на Петрушевска. Претставата доаѓа на фестивалот со веќе потврден успех, откако ја освои Гран при наградата за најдобра претстава на 28. издание на „Денови на комедија“ во Куманово, каде што првенецот на МНТ, Ѓорѓи Јолевски, се закити и со наградата за најдобар актер. Годишното, 34. издание на фестивалот „Ристо Шишков“ се одржува од 8 до 13 септември.
