ВЕСТИПОЛИТИКА

Орбановиот кредит под истрага: Што значи тоа за Мицкоски и неговото „стратешко партнерство“ со Будимпешта

Кривичната истрага што унгарските власти ја отворија за работењето на државната Ексимбанка го става под ново политичко светло еден од најголемите и најекспонирани финансиски потези на Владата на Христијан Мицкоски, задолжувањето на Македонија со вкупно една милијарда евра кај Унгарија во периодот кога владата во Будимпешта ја предводеше Виктор Орбан.

Унгарската полиција истражува четири случаи поврзани со Ексимбанка поради сомнежи за злоупотреба на службената положба и несовесно финансиско управување. Еден од предметите е токму заемот од една милијарда евра за Северна Македонија. Истрагата следува по пријава на унгарското Министерство за економија, поднесена по внатрешна ревизија на банката, а истражителите веќе заплениле илјадници страници документација.

За Владата на Мицкоски најчувствителен е политичкиот контекст во кој новата власт во Будимпешта го разгледува договорот.

Актуелниот унгарски премиер Петер Маѓар претходно го проблематизираше заемот со прашањето дали средства што требало да служат за поддршка на унгарските компании биле употребени за финансиско зајакнување на странски политички сојузник на владата на Орбан и дали од одредени аранжмани можеле да имаат корист компании блиски до тогашната власт. Тоа засега е предмет на истрага.

Токму тука случајот добива директна политичка тежина за Мицкоски.

Заемот беше лично политички промовиран од Мицкоски и Орбан

Аранжманот не беше претставен само како обично задолжување на меѓународниот финансиски пазар. Во јули 2024 година, само неколку недели по формирањето на новата влада во Скопје, Мицкоски по средбата со Орбан лично објави дека двете влади постигнале договор за „специјална економска соработка“.

Првично беа договорени 500 милиони евра со фиксна камата од 3,25 проценти, три години грејс-период и рок на отплата од 15 години. Мицкоски уште тогаш најави дека Северна Македонија во иднина ќе може повторно да се обрати до Унгарија како свој „специјален економски партнер“ за дополнителна финансиска поддршка.

Веќе во октомври 2024 година, веднаш по потпишувањето на првиот договор, Министерството за финансии соопшти дека се започнати разговори и за втор заем од 500 милиони евра. Вториот договор со Унгарската експорт-импорт банка беше потпишан на 20 декември 2024 година, исто така за 500 милиони евра и под истите услови. Средствата од вториот заем беа ставени на располагање на почетокот на јануари 2025 година за отплата на еврообврзницата што доспеваше тој месец. Со двата заема Северна Македонија се задолжи кај унгарската Експорт-импорт банка за вкупно една милијарда евра.

Дел од првата транша беше насочен кон компаниите преку Развојната банка и комерцијалните банки, а средствата беа користени и за буџетска ликвидност и локални инфраструктурни проекти.

Затоа истрагата во Будимпешта не засега периферна финансиска операција на Владата на Мицкоски, туку еден од нејзините најважни економски проекти.

Од „специјален партнер“ до предмет на полициска истрага

Политичката врска меѓу Мицкоски и Орбан во меѓувреме беше дополнително зацврстувана.

Во официјални владини соопштенија од средбите со Орбан, односите со Унгарија се опишуваа како „стратешко партнерство“, засновано не само на економски интереси, туку и на доверба и „заеднички вредности“. Мицкоски јавно говореше и за семејството, традицијата и националниот идентитет како вредносна основа на ова партнерство.

Во друга прилика, Мицкоски за Орбан изјави дека е човек „чиј збор планини тежи“ и дека кон него има „неизмерна почит“.

Токму поради ваквата политичка идентификација, сегашната истрага тешко може за Владата во Скопје да остане само техничко прашање за работењето на една странска банка.

Правно, во овој момент нема информации дека Мицкоски, членови на неговата влада или институции во Северна Македонија се осомничени во унгарската постапка. Истрагата се води во Унгарија и треба да утврди како Ексимбанка ги носела одлуките и дали при одобрувањето на спорните аранжмани биле прекршени правила или закони.

Политички, меѓутоа, прашањата за Владата на Мицкоски стануваат неизбежни.

Дали Владата знаела според кои критериуми Унгарија го одобрува заемот? Зошто Македонија добила толку голема кредитна линија од банка чија основна функција е поддршка на унгарската надворешна трговија и инвестиции? Дали постоеле дополнителни политички или економски договори поврзани со финансирањето? И, најважно, дали документите во Скопје можат целосно да покажат како бил договорен и користен секој дел од милијардата?

Овие прашања сами по себе не докажуваат неправилност. Но фактот дека договорот кој Мицкоски го претставуваше како доказ за блискоста и довербата со Орбан сега е дел од кривична истрага во самата Унгарија значително го менува политичкиот контекст.

Од приказна за „специјално економско партнерство“, заемот станува тест за транспарентноста на една од најголемите финансиски одлуки на Владата.

За Мицкоски, затоа, проблемот не е само што истражителите во Будимпешта ги проверуваат одлуките на Ексимбанка. Многу поважно е што тие проверуваат токму финансиски аранжман кој неговата влада го изгради врз блиската политичка врска со Виктор Орбан.

И колку повеќе информации излегуваат од истрагата во Унгарија, толку потешко ќе биде прашањата за милијардата евра да останат само унгарска внатрешна работа.

Ј. Ѓ.

Поврзани вести

Back to top button