ВЕСТИСВЕТ

Масовно пукање на забава во Џорџија: Две лица загинаа, 35 се повредени

Две лица загинаа, а 35 се повредени во масовно пукање што се случи за време на маалска забава на отворено во градот Виена во американската сојузна држава Џорџија, пренесува АП, повикувајќи се на информации од локалните власти и Бирото за истраги на Џорџија (GBI).

Според шерифот на округот Дули, Крег Пиви, на забавата биле собрани повеќе од илјада луѓе кога одекнале над 50 истрели на две локации оддалечени околу еден блок. Полициските службеници веќе патролирале во областа кога околу 1:25 часот по полноќ започнало пукањето, по што настанал масовен хаос и присутните почнале панично да бегаат на сите страни, додека истрелите продолжиле и во присуство на полицијата.

Од здобиените прострелни рани на самото место починале 21-годишниот Џакевион Џексон и 23-годишниот Мекалеб Џексон. Повеќето од 35-те повредени се хоспитализирани со прострелни рани, додека неколкумина се повредени откако биле удри од возила додека се обидувале да избегаат од местото на нападот. Од GBI соопштија дека повредените лица се на возраст од 14 до 51 година и нивната здравствена состојба варира од стабилна до критична.

Градоначалникот на Виена, Еди Даниелс, изјави дека општинските власти немале издадено никаква дозвола за одржување на ваква забава, додека од училишниот одбор појаснија дека настанот не бил спонзориран од локалното училиште, иако се случил за време на традиционалниот празничен викенд. Истрагата е во тек, а полицијата сè уште нема уапсено осомничени, ниту е утврден мотивот или точниот број на напаѓачи вклучени во инцидентот.

Back to top button