
Денеска во законодавниот дом беше презентиран извештајот на Светска банка насловен „Северна Македонија: Излез од стапицата на среден доход“, кој ги анализира економските предизвици и можностите за забрзување на економскиот раст. На презентацијата на која се разгледуваа главните наоди и препораки за понатамошниот развој присуствуваа претседателот на институцијата, Африм Гаши, како и пратеници, информираат од Собранието.
Извештајот пред присутните го презентираа Сања Маџаревиќ-Шујстер и Карол Межеванд од Светска банка. Во нивните излагања беа посочени клучните предизвици за натамошниот развој на земјата, меѓу кои се ниската продуктивност и инвестиции, слабата конкуренција и владеењето на правото, како и недоволно искористениот и сè помал човечки капитал.
Претставниците на Светска банка истакнаа дека за забрзување на економскиот раст е неопходно спроведување реформи фокусирани на подобрување на управувањето и конкурентноста, поттикнување на инвестициите, технологијата и иновациите, како и развој на вештините за подобро искористување на работната сила. Според нивните процени, целосното спроведување на реформската агенда може да придонесе за повисок економски раст, креирање нови и подобро платени работни места и побрзо приближување кон нивото на доход во Европската Унија.
Како клучен предуслов за остварување на овие економски цели беше нагласена потребата од континуирана политичка посветеност, институционален капацитет и доследно спроведување на реформите од страна на државата.
