АРТВЕСТИЗЕЛЕНА

Прво издание на фестивалот „Флудо“: Уметноста во заеднички фронт со екоактивизмот

Со амбиција да прерасне во јавен форум каде што уметниците, едукаторите, активистите и граѓаните заеднички ќе го обликуваат јавниот наратив за животната средина, најавено е првото издание на фестивалот „Флудо“. Организаторите го позиционираат настанот не само како културна манифестација, туку како платформа за трансформација која ги спојува социјалната правда, уметничката инспирација и технолошката иновација во насока на креативно обликување одржлива иднина.

​Главната цел на „Флудо“ е едукативна трансформација – обучување на младите како преку различни креативни медиуми да ги артикулираат своите видувања за еколошките проблеми. Наместо исклучиво создавање публика, фестивалот се стреми да оспособи гласноговорници кои преку уметнички интервенции ќе водат дијалог за иднината и ќе бараат правда за загрозената природа, правејќи ги видливи проблемите како што се „заробените реки“. Според иницијаторите, секоја уметничка интервенција претставува чекор кон промена на јавниот еколошки наратив.

​Првото издание на фестивалот ќе понуди разновидна и интерактивна програма. Посетителите ќе можат да учествуваат во едукативни работилници за стоп-анимација, театар на сенки, сито-печат, цијанотипија и креативно рециклирање. Фестивалската агенда е надополнета со мултимедијална изложба, екотрампа, проекции на документарни филмови, јавна дискусија и бројни музички концерти.

Според официјалната агенда, настанот започнува во четврток претпладне, на 24 септември, во 10:00 часот со едукативни работилници за креативни медиуми кои вклучуваат стоп анимација, театар на сенки, цијанотипија, сито печат и креативно рециклирање. Официјалното отворање на фестивалот е закажано истата вечер во 20:00 часот, по што ќе следи мултимедијалната изложба „Флудо“ и музички настап на диџеј Шурбе (DJ Shurbe) од 21:30 часот.

Вториот фестивалски ден, 25 септември, покрај претпладневните работилници, ќе понуди и Еко-трампа со почеток во 18:00 часот. Вечерната програма во петок е резервирана за проекција на кратки документарни филмови од 20:00 часот, по што следува богата музичка понуда. Во 21:00 часот ќе настапи Хана Корнети со концерт и визуелизации на театарот „Сенки и облаци“, во 21:45 часот сцената е за дуото „Магарешки уши“ составено од Георги Шарески и Владимир Лукаш, додека во 22:30 часот ќе се одржи концертот „Дрвото што памети“ на Јоана Ристеска.

Фестивалот ќе се затвори во сабота, 26 септември. Програмата започнува во 19:00 часот со панел дискусија, а во 20:30 часот е предвидено официјалното затворање со презентација на делата создадени за време на креативните работилници. Овогодишното прво издание ќе финишира со концерт на составот „Трансмишн“ (Transmission) на Александар Петров и Томи Анчов, со почеток во 21:30 часот.

 

Back to top button