
Денеска со почеток во 16:00 часот, на улицата „Тоше Проески“ во скопската населба Ново Лисиче ќе се одржи музичкиот настан „Тоше, те сакаме сите“, посветен на 19-годишнината од трагичната смрт на најголемата македонска музичка ѕвезда.
Настанот е од отворен карактер, а организаторите од основното училиште „Лазо Ангеловски“, заедно со наставниците и родителите, ги покануваат сите граѓани да присуствуваат и преку музика и заедништво да му оддадат почит на Тоше Проески. Под мотото „Добрината не престанува – таа расте“, програмата опфаќа повеќе активности, вклучително и отворање на ново хортикултурно катче уредено од родителите, како и читање пораки од децата.
Во музичкиот дел од програмата ќе настапат хорот и оркестарот на училиштето, како и познати музички имиња меѓу кои „Некст тајм“, Ламбе Алабакоски, Владимир Поповски, Тамара Волчевска, Мими Јовановска, Бојана Арсовска, „The Crew“, Дамјан Димевски и Ангела Влинтовска. Свој придонес кон одбележувањето ќе дадат и повеќе млади музички таленти.
Настанот се реализира со поддршка од Општина Аеродром, Универзална сала и „Lions in Move“, а во реализацијата помагаат и повеќе локални бизниси.
