Прашањето за квалитетот и исправноста на водата за пиење низ државата предизвика остра политичка дебата и меѓусебни обвинувања меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Додека владејачката партија го обвинува поранешниот министер за здравство Венко Филипче дека во минатото криел податоци за неисправна вода, опозициската СДСМ прашува кој ќе преземе одговорност за актуелното труење на граѓаните.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на прес-конференција истакна дека во периодот кога Венко Филипче бил министер за здравство, биле направени речиси 400 испитувања кои покажале дека граѓаните пијат неисправна вода, но тогашната власт го сокрила тој податок.
„Венко Филипче и СДС свесно оставиле граѓаните бавно да се трујат само за да не изгубат политички поени. Водата во Водостопанство Лисиче во Велес, во село Нивичани, Кочани, во Пештани, во училиште во Уларци и во Здравствениот дом во Делчево во текот на 2021 и 2022 година не била за пиење, а јавноста не била информирана. За ова е известено МВР и очекуваме ЈО веднаш да постапи“, изјави Мицевски.
СДСМ: Кој гарантира со име и презиме за водата во Гостивар?
Од друга страна, од СДСМ преку писмено соопштение возвратија кон актуелната власт, реагирајќи на најавите на Клековски дека епидемијата во Гостивар се смирува и дека до крајот на неделата водата ќе биде безбедна за пиење. Од партијата инсистираат да се објави кој го ставил потписот на извештајот за техничка исправност.
„Кој ќе одговара кривично ако повторно го отруете целиот град? Ја отрувте цела Македонија, седум градови. Бела пена има во Лепенец и Вардар. Ги криевте извештаите и епидемијата на жолтица што се појави токму поради труењето на водата. Бараме одговор денес, со име, презиме и потпис, за да знаеме кој ќе оди во затвор поради труење на граѓаните“, велат од СДСМ.
