Митева: Намалени цените на училишниот прибор – 10% во трговија на големо, 15% на мало [ВИДЕО]

Владата на денешната седница донесе одлука за намалување на цените на училишниот прибор, со цел да се заштити животниот стандард на граѓаните и да се намалат семејните трошоци пред почетокот на новата учебна година.
Како што информираше портпаролката на Владата, Марија Митева, одлуката стапува на сила од денот на објавувањето во „Службен весник“ и ќе важи заклучно со 30 септември 2026 година.
Согласно новата мерка, трговците на големо се задолжуваат да ги намалат цените на училишниот прибор за најмалку 10 отсто, додека трговците на мало имаат обврска да обезбедат намалување од најмалку 15 проценти.
Мерката опфаќа широк спектар на производи кои се неопходни за стартот на учебната година, меѓу кои:
-
Ранци и ташни
-
Тетратки, блокови и колажи
-
Моливи, пенкала, боици и фломастери
-
Пластелин, теста за моделирање и подлоги
-
Темперни, акрилни и водени бои со четки
-
Линијари, дидактички материјали и шестари
-
Острилки, гуми за бришење и детски ножици
-
Футроли, лепила и дигитрони
-
Украсна хартија, папки, картонски ташни и материјали за изработка
Со цел да се обезбеди целосна транспарентност и да се спречат манипулации, одлуката ги задолжува трговците покрај новата (намалена) цена, задолжително да ја прикажат и старата цена на производот која важела на 1 јуни 2026 година. Токму таа цена ќе се зема како базична врз основа на која се пресметува задолжителното намалување, истакна Митева.
Од Владата посочуваат дека ова е конкретен чекор насочен кон директна поддршка на семејствата во период кога имаат зголемени трошоци за подготовка на децата за на училиште, со правила кои ќе важат подеднакво за сите трговци.








