АРТВЕСТИСЦЕНАТРЕНД

Александар Тарабунов ѝ даде нов живот на култната песна „Прва љубов“ на неговиот татко Ванчо

Музичарот Александар Тарабунов – Тара ја претстави новата преработка на култната песна „Прва љубов“, композиција која пред повеќе од пет децении, во 1973 година на фестивалот „Скопје“, првпат ја отпеа неговиот татко Ванчо Тарабунов, соопштија авторите на проектот.

Како што појаснува Тара, идејата за преработката се родила спонтано додека ги преслушувал старите албуми на својот татко, а најголема потврда за направениот избор биле солзите радосници на неговиот татко кога ја слушнал новата верзија.

Спој на минатото и сегашноста во спотот во режија на Зонде

Песната е дело на легендарните автори Драган Ѓаконовски – Шпато (музика и аранжман) и Благоја Стефановски (текст), додека зад новиот музички израз стојат Александар Тарабунов и Роберт Билбилов, со придружни вокали од Тамара Тодевска.

Видеозаписот во режија на Зоран Стојановски – Зонде носи силна визуелна симболика, преку испреплетување на архивски кадри од старо Скопје со снимки од денешниот град на култни локации.

„Сакав барем за миг да нè потсети на убавите спомени и на љубовта што овој град секогаш ја буди во сите нас. Ова е мој подарок за сите што го сакаат Скопје, претставен токму на денот кога градот ја одбележува годишнината од катастрофалниот земјотрес од 1963 година“, изјави Александар Тарабунов.

Back to top button