
Американскиот претседател Доналд Трамп ги соопшти раководството и задолженијата на специјалната работна група за вештачка интелигенција (AI), насловена како „Сили за суперинтелигенција“ (Super Intelligence Force), чија главна цел е да осигура дека Соединетите Американски Држави ќе го задржат глобалното лидерство во оваа технологија, пренесува Си-ен-ен (CNN).
Во својата објава на платформата „Truth Social“, Трамп наведе дека телото ќе ги штити интересите на граѓаните и ќе ја координира соработката на владата со потрошувачите, јавните и верските организации, инфраструктурните провајдери и технолошките компании за вештачка интелигенција.
Тимот ќе биде предводен од директорот на Националното разузнавање, Џеј Клејтон, претседателот на Федералната трговска комисија (FTC), Ендрју Фергусон, заменик-секретарот за одбрана за истражување и инженеринг, Емил Мајкл, како и директорот на Канцеларијата за управување со персонал, Скот Купор. Работната група ќе им реферира директно на претседателот Трамп и на шефицата на кабинетот на Белата куќа, Сузи Вајлс.
Формирањето на ова тело доаѓа по низата јавни дебати и загрижености поврзани со безбедноста на новата технологија, вклучувајќи и обиди на софтверски агенти за упад во федерални бази на податоци. Како што пренесува Си-ен-ен, Трамп претходно јавно ги минимизираше ваквите стравувања нарекувајќи ги измама и јасно стави до знаење дека победата во технолошката трка против Кина и економскиот развој се врвен приоритет за неговата администрација.
Минатата недела Трамп организираше состанок во Белата куќа со водечките извршни директори од индустријата за вештачка интелигенција, каде што беше потпишана заложба за таканаречено „саморегулирање“ на нивните модели. Запрашан за улогата на вештачката интелигенција при неговото неодамнешно сослушување во Сенатот, директорот Клејтон изјави дека станува збор за технологија која од корен ги менува правилата на играта и носи истовремено и големи можности и закани.
