ВЕСТИИМПУЛССВЕТ

Париз како воена зона, Франција во пламен по насилните протести (ВИДЕО)

Париз се соочува со последиците од насилните протести, со запалени автомобили, оштетени излози и судири со полицијата во француските градови.

Париз утрово осамна со опожарени автомобили, уништени излози и траги од ноќните немири, откако масовните протести против растечките трошоци за живот и состојбата во јавните услуги во саботата ескалираа во насилни судири со полицијата. Според најновите извештаи на Ројтерс и Асошиејтед прес, во главниот град се уапсени 855 лица, а бројот на приведени низ Франција се приближи до 1.800.

Насилството се прошири и во други француски градови. Во Лимож беше опожарено градското собрание, во Марсеј демонстранти упаднаа во зградата на градската управа, а во Лион беше запалена туристичката канцеларија. Во Бордо беа оштетени јавни објекти, додека во Париз беа ограбени продавници и оштетени деловни простории.

На улиците на француската престолнина полицијата употреби солзавец и водени топови против групи маскирани демонстранти кои фрлаа предмети и пиротехнички средства. Според извештаите, во делови од градот беа запалени автомобили, а оштетувања имаше и во трговските зони. Неколку метро-станици во централното градско подрачје беа затворени за време на протестите.

Според француското Министерство за внатрешни работи, на протестите низ земјата учествувале околу 550.000 луѓе, додека синдикатите процениле дека бројката достигнала 800.000. Поголемиот дел од демонстрациите биле мирни, но насилни групи предизвикале судири, грабежи и оштетување на јавен и приватен имот.

Еден демонстрант починал од срцев удар во Париз за време на немирите, објави Ројтерс. Француските власти најавија кривично гонење на одговорните за нападите и уништувањето на имото.

Протестите започнаа како студентско движење против недостигот од наставници и лошите услови во училиштата во посиромашните предградија, а потоа се проширија со барања поврзани со животниот стандард, цените и јавните услуги. Немирите дополнително го зголемија притисокот врз владата на претседателот Емануел Макрон, неколку месеци пред претседателските избори во Франција.

Back to top button