
Сите концерти и летни манифестации поврзани со одбележувањето на 35-годишнината од независноста, вклучувајќи ги настапите на светските музички ѕвезди низ државата, ги чинеа граѓаните и државниот буџет нула денари, изјави претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Оценувајќи го изминатиот период како историско лето за паметење, премиерот потсети на низата масовни музички настани. Програмата започна на 2 август во Битола со настапот на Стив Аоки, по што следуваше караванот „Силно светнал ден“ низ десетина градови низ државата. Во Струмица настапија Пол Окенфолд и Пол ван Дајк, како и македонски рок-групи меѓу кои и „Меморија“. Во Скопје се одржа голем настан со Хосе Карерас и македонските музички ѕвезди, а прославата кулминираше со настапот на Дејвид Гета на Градскиот стадион пред околу 50.000 посетители.
Премиерот истакна дека има „лоша вест“ за сите оние кои негодувале, шпекулирале, клеветеле и пласирале лажни информации во врска со трошоците. Тој појасни дека сите овие настани се реализирани преку општествено одговорни компании, повикувајќи ги граѓаните слободно да проверат на платформата „Отворени финансии“ дека од државната каса не е исплатен ниту еден денар. Мицкоски заклучи дека актуелната Влада е домаќинска и пронародна, додавајќи дека секој буџетски денар се троши на транспарентен начин.









