ВЕСТИДИГИТАЛИМПУЛСКОСМОС
Во тренд

НАСА објави повеќе од 800 гигабајти податоци и снимки од мисијата „Артемис II“ околу Месечината

Американската вселенска агенција НАСА објави повеќе од 800 гигабајти научни податоци собрани за време на историската мисија „Артемис II“, со која човечки екипаж првпат по повеќе од половина век ја обиколи Месечината и се врати на Земјата.

Во јавниот архив на НАСА – Планетарниот систем за податоци (Planetary Data System) – се достапни над 11.000 фотографии и видеоснимки со целосна резолуција, направени од камерите на вселенското летало „Орион“ и од рачните камери на астронаутите. Објавени се и 8,5 часа аудиоснимки од научните набљудувања на екипажот, како и фотографии со рачно внесени забелешки од астронаутите.

Податоците ги собра екипажот составен од астронаутите на НАСА, Рид Вајсмен, Виктор Гловер и Кристина Кох, како и астронаутот на Канадската вселенска агенција Џереми Хансен. За време на прелетот покрај Месечината, тие фотографираа, снимаа и бележеа научни набљудувања на површината и околината на Земјиниот природен сателит.

Според НАСА, станува збор за првиот голем планетарен научен сет на податоци што е создаден претежно од луѓе по повеќе од 50 години. Благодарение на специјализираната обука по лунарна географија, геологија и техники за научно набљудување, членовите на екипажот можеле во реално време да одлучуваат кои локации да ги документираат и кои појави да ги следат.

Особено вредни за научниците се нивните визуелни проценки на боите, динамичните промени на површината и дискусиите за геолошките карактеристики на Месечината. НАСА оценува дека овие набљудувања претставуваат значајно надополнување на податоците собрани за време на програмата „Аполо“ и од бројните роботски мисии во изминатите децении.

Меѓу објавените материјали има и фотографии со забелешки направени директно од астронаутите за време на летот. На една од нив се прикажани набљудувани светлосни блесоци од удари на метеороиди на површината на Месечината, означени и анализирани од членовите на екипажот.

Покрај суровите податоци, НАСА објави и три придружни документи: Прелиминарен научен извештај за „Артемис II“, Извештај за лунарните научни операции и Водич за користење на податоците. Во нив се објаснети научните цели на мисијата, начинот на кој биле планирани и спроведени набљудувањата, како и техничките детали за обработката на собраните информации.

Од НАСА велат дека сознанијата добиени од „Артемис II“ веќе се користат за подготовка на следните фази од програмата „Артемис“, вклучително и мисијата „Артемис III“, чија цел е враќање на астронаути на површината на Месечината и воспоставување основа за долгорочно човечко присуство на неа.
Мисијата „Артемис II“ претставуваше прв лет со екипаж во рамки на новата американска програма за истражување на Месечината и е клучен чекор кон идните мисии што треба да ја подготват човечката експанзија подлабоко во Сончевиот систем.

Поврзани вести

Back to top button