
Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ викендов продолжи со богат работен дел, исполнет со креативни работилници, средби со режисери и филмски проекции. Вчера младите филмофили имаа можност да се сретнат со режисерот Ханис Багашов, кој го промовираше својот филм „Кучињата немаат соништа“, остварување кое веќе забележа успешни настапи на фестивалот „Браќа Манаки“ и на Сараевскиот филмски фестивал. Во рамките на програмата You(th) Talks беше презентирано и глобалното младинско движење YMCA, кое работи во 119 земји и вклучува над 700 илјади волонтери.
Претходно, публиката со бурни аплаузи ја поздрави режисерката Дина Дума по проекцијата на нејзиниот филм „Скејтбордингот не е за девојчиња“, кој од 9 октомври ќе се прикажува низ македонските кина. Откривајќи ја инспирацијата за филмот, Дума сподели дека приказната настанала откако на кејот видела девојче како вози скејтборд во традиционални шалвари.
„Ме натера да размислувам за сите работи за кои се смета дека не се за девојчиња или за жени. Сакав да ја искористам симболиката со скејтбордот од кој многупати паѓате и станувате за да бидете што подобри“, истакна Дума, додавајќи дека сликата од кејот ѝ се споила со сеќавање на 13-годишно девојче од нејзиниот алманах кое останало бремено.
Младите џифонци имаа можност да разговараат и со продуцентката Јована Здравковска за предизвиците при снимањето на филмот „Во друг живот“, како и со режисерката Оливера Коменаровска која се претстави со документарецот „Warmis Sobre Ruedas“ снимен во Боливија на екстремна надморска височина. Коменаровска им откри на средношколците дека токму овој фестивал бил пресуден за нејзината кариера. „Љубовта кон филмот ми почна токму овде на Џифони, пред седум-осум години. Со филм се бавам токму поради овој фестивал“, порача таа.
Викендов успешно помина и традиционалната интернационална вечер на која претставниците на шестте земји учеснички ја презентираа својата култура преку храна и музика. Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Министерството за култура на Италија, италијанската амбасада, Град Скопје и општините Карпош, Центар и Кисела Вода.
