
ВМРО-ДПМНЕ од денеска, 1 септември, започнува тримесечна кампања за ажурирање на постојното членство и зачленување на нови членови под мотото „Заедно за иднина – Приклучи се!“. За првпат во македонскиот политички простор, партијата воведува целосно дигитален процес кој овозможува пријава, верификација, прифаќање на Статутот и потврда на членството за само неколку минути.
Од партискиот Центар за комуникации информираат дека нивната ИТ комисија изработила веб-апликација која веќе е ставена во функција во општинските комитети. Истовремено, мобилната верзија на апликацијата е испратена на одобрување до платформите на Google и Apple, по што истата ќе биде достапна за директно користење на паметните телефони. Целта на оваа дигитализација е да се изгради посовремена, поефикасна и технолошки напредна организација која ќе биде поблиску до граѓаните, а особено до новите генерации кои носат нова енергија и знаење.
И покрај дигиталните новини, од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека традиционалниот начин на зачленување останува достапен за сите граѓани кои претпочитаат физичко присуство. До 30 ноември, секој ден од 17:00 до 20:00 часот, општинските комитети низ државата ќе бидат отворени за членовите и за сите заинтересирани граѓани.
Од партијата ги повикуваат своите досегашни членови да ги потврдат податоците, а истовремено ги отвораат вратите за сите граѓани кои ја прифаќаат нивната програма и сакаат да придонесат за посилна и поуспешна држава. Според соопштението, сите лични податоци од овој процес ќе се обработуваат строго согласно важечките законски прописи за заштита на личните податоци.
