
Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ го организира третото издание на фестивалот за младинска, алтернативна и критичка култура „Ре-култура“, кое ќе се одржи на 22 и 23 септември во скопскиот бар „Љубов“. Ова претставува прв дел од годинешното издание насловено „Сликата за другиот“, додека вториот дел од фестивалската програма е најавен за октомври. Фокусот на настанот е ставен на книжевноста, визуелната уметност и музиката преку низа работилници, изложби, книжевни промоции, поетски читања и диџеј-сетови.
Фестивалската програма започнува во вторник, на 22 септември, во 17:30 часот со работилница за книжевен превод во соработка со феминистичката платформа „Медуза“, модерирана од Душица Лазова. Во 19:00 часот ќе биде отворена дводневната изложба „Арте (фициелни) факти во проширена реалност“ на авторката Марија Трпеска, а од 20:00 часот ќе следува проекција на кратки видеа поврзани со изложбата и разговор со авторката што ќе го води Наде Циева. Вечерта од 21:00 часот продолжува со промоција на третиот број на списанието за општа култура „Тригер“ на тема „Балкан, граници, авангарда“, каде што ќе дискутираат Виктор Бучковски, Калина Качоровска, Јана Секулоска и Марија Хана Трајкоска, по што програмата ќе биде заокружена со музичка селекција на Хана и Лила.
Вториот ден од фестивалот, во среда на 23 септември, започнува во 20:00 часот со поетското читање „Се читаме!“. На поетската вечер ќе настапат авторите Урош Горовиќ и Христина Дамјановиќ од Србија, како и македонските автори Николина Андова Шопова, Марија Грубор, Вероника Димоска, Владимир Лукаш, Марија Велинова и Марија Ангеловска. По читањето, во 21:00 часот е закажана промоција на стихозбирката „Уриел“ од Урош Горовиќ, за која ќе зборуваат препејувачот Андреј Медиќ Лазаревски и Ангела Бошкоска. Дводневната манифестација официјално ќе се затвори со диџеј-сет на ЕлектраБлосом со почеток во 22:00 часот.
Во текот на двата фестивалски дена, публиката во просторот на барот „Љубов“ ќе може да ја погледне и фотографската инсталација „Трети простори во трет простор“ на Теодор Тасевски.
