Цветаноски: Македонија со највисока стапка на западнонилска треска во Европа, власта покажува тотална неспособност
„Македонија има највисока стапка на западнонилска треска во Европа, што е доказ за тоталната неспособност на Клековски и Мицкоски. Се соочуваме со две здравствени кризи – труењето на 5.000 луѓе со водата во Гостивар и новата епидемија. Заедничко и за двете кризи е дека власта задоцнето реагира. И наместо работа, и Мицкоски и Клековски си заминаа на екскурзија, на одмор, среде кризи.“
Со овие обвинувања, Симона Цветаноски, членка на Извршниот одбор на СДСМ, ја отвори денешната прес-конференција посветена на актуелната состојба во здравствениот сектор. Од опозициската партија посочуваат дека државниот апарат нема капацитет да превенира и да го заштити здравјето на граѓаните, туку реагира дури откако ситуацијата ќе ескалира.
Повикувајќи се на податоците од Европскиот центар за спречување и контрола на болести (ECDC), Цветаноски информираше дека стапката на инциденца на западнонилска треска по глава на жител е највисока токму во Македонија. Според изнесените податоци, досега има пет жртви, а 21 лице е хоспитализирано. Четири од нив се наоѓаат во критична состојба, додека меѓу болнички згрижените има и млад пациент на 25-годишна возраст.
Од СДСМ обвинуваат дека реакцијата на институциите е задоцнета дури и во однос на прскањето против комарци. Тие го критикуваа министерот Клековски за, како што велат, нелогични изјави околу вазните на гробиштата и затворањето на базените, додека истовремено сè уште нема одговорност ниту објавен целосен извештај кој ја одобрил загадената вода во Гостивар.
Сметајќи дека справувањето со епидемија бара силен системски одговор, а не само прес-конференции, опозицијата упати листа на итни барања:
Формирање на Национален оперативен штаб со јасна одговорност.
Изработка на национална ГИС (GIS) карта на епидемијата и ризикот.
Интензивен ентомолошки надзор и тестирање на комарци за западнонилски вирус.
Мапирање и уништување на местата за размножување преку интегрирана контрола.
Јавен дневен извештај за состојбата и проценка на ризикот на ниво на цела држава.
