Кузеска: Мицкоски најавува поплаки во НАТО за Михаилова, а четири месеци го штити Груевски од екстрадиција
Богданка Кузеска од СДСМ обвини дека власта тајно го договорила бегството на Ива Михаилова и го повика премиерот да објасни зошто доцни барањето за екстрадиција на Никола Груевски.

Скандалот со бегството на Ива Михаилова открива таен договор направен во Софија, зад кој директно стојат највисоките претставници на власта, обвини денеска портпаролката и членка на Извршниот одбор на СДСМ, Богданка Кузеска. Според опозициската партија, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски го договорил планот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски овозможил таа да ја мине границата, а сето тоа било одобрено од премиерот Христијан Мицкоски.
Од „Бихаќка“ реагираат на најавите на премиерот Мицкоски дека за случајот со Михаилова ќе се жали пред НАТО и европските партнери, оценувајќи го ваквиот потег како лицемерен обид за заташкување на скандалот, особено поради неговиот молк за поранешниот премиер Никола Груевски. Кузеска посочи дека додека власта прави драма за осомничената Михаилова, намерно го игнорира фактот дека Груевски е правосилно осуден криминалец за кој веќе четири месеци нема никакво поместување во постапката за екстрадиција.
СДСМ потсетува дека пред четири месеци владата на Мицкоски најави оти ќе поднесе ново барање за враќање на Груевски од Унгарија штом се комплетираат документите, но тоа ветување сè уште не е исполнето. Оправдувањата дека се чека формирање на нова влада во Унгарија или дека се собира документација, според опозицијата, се само изговори, а вистината е дека Мицкоски го штити својот претходник.
Кузеска потенцираше дека пред да се жали кај меѓународните партнери, Мицкоски мора да даде одговори пред домашната јавност и да понесе одговорност за, како што велат, „швајцарското сирење“ од граници. „Правдата и законот мора да важат за сите подеднакво. Бандата треба да знае дека одговорност ќе има и сите до еден ќе одговараат“, заклучија од СДСМ на прес-конференцијата.
