
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ги заостри обвинувањата кон премиерот Христијан Мицкоски во врска со лобирањето во САД, изнесувајќи нови контроверзни детали за сопственикот на компанијата „АТС Груп“. На прес-конференција, портпаролката Богданка Кузеска обвини дека лобито за премиерот го плаќа трговец со оружје чија казна, според истражување на БИРН, ја платил човек директно поврзан со шверц на кокаин.
Според изнесените податоци, сопственикот на „АТС Груп“, Шефшет Демировски, претходно бил уапсен во Србија за давање мито за доверливи информации за муниција од фабриката „Први партизан“. Кузеска истакна дека опортунитетот (казната) за Демировски во овој случај го платил Александар Милојевиќ, лице кое подоцна било обвинето за помагање во пренос на пари од шверц на кокаин од Јужна Америка, како дел од криминална група во која имало српски и црногорски полицајци, како и припадник на БИА. Дополнително, таа посочи дека медиумите го врзуваат сопственикот на „АТС Груп“ со кругот околу злогласниот кавачки клан.
СДСМ повторно се повика на американскиот FARA регистар (бр. 6170), каде стои дека „АТС Груп“ ѝ плаќа на лобистичката куќа „Mercury Public Affairs“ по 130.000 долари месечно (околу 1,56 милиони годишно), информација која, според партијата, денеска ја потврдила и самата компанија. Опозицијата тврди дека на 2 април 2026 година, лобистите предале материјал за стратешко партнерство во кој стои името на Мицкоски и државна агенда за енергија, ИТ и одбрана.
СДСМ директно ги прозва министрите Тимчо Муцунски и Владо Мисајловски, кои на 27 март 2025 година присуствувале на потпишување договор меѓу „АТС Груп“ и турската државна компанија „МКЕ“. „Нека кажат министрите дали некој им кажал за апсењето и луѓето во синџирот на трговија со кокаин додека стојат зад грбот на првиот човек на АТС на меѓудржавни договори“, прашуваат од партијата.
Партијата го повика Обвинителството да ги испита документите од FARA, материјалот од 2 април и уплата од 250.000 евра. За посетата на Мицкоски во САД (15-22 септември), СДСМ тврди дека средбите биле неформални контакти во фоајеа кои ги нема на агендата на Стејт департментот. На прес-конференцијата повторно беше споменат и спорниот антимон како руда за воената индустрија, народните 5,53 милиони евра потрошени за концертот на Давид Гета, како и нерасчистен случај со „5 тони дрога преку граница“. Од СДСМ порачаа дека Мицкоски наскоро ќе мора да одговара пред независното судство и пред Европското обвинителство.
„АТС Груп“ им одговори на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ: Не сме инструмент за дневно-политички пресметки
