
Еден од највлијателните современи директори на фотографија, Американецот Џеф Кроненвет, ќе биде гостин на 47. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола, каде ќе ја прими Специјалната „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, најави директорот на фестивалот Димитрија Доксевски. Фестивалот ќе се одржи од 19 до 25 септември.
Кроненвет е особено препознатлив по долгогодишната соработка со режисерот Дејвид Финчер и по мрачниот, прецизен визуелен стил кој стана заштитен знак на дел од најпознатите трилери и драми во последните децении.
Во неговата филмографија се „Fight Club“, „The Social Network“, „Gone Girl“ и „The Girl with the Dragon Tattoo“. За фотографијата во „The Social Network“ и „The Girl with the Dragon Tattoo“ двапати беше номиниран за Оскар во категоријата кинематографија.
Директорот на фестивалот Димитрија Доксевски, најавувајќи го лауреатот, истакна дека во Битола доаѓа автор кој мајсторски ги користи светлината, темнината и сенките и кој оставил силен печат врз современиот визуелен јазик на филмот.
Кроненвет ќе биде еден од централните гости на отворањето на фестивалот, заедно со претходно најавениот лауреат, данскиот кинематографер Дан Лаустсен. Главната програма „Камера 300“ годинава ќе содржи 12 филма.
Фестивалот ќе биде отворен со македонскиот филм „Скејтањето не е за девојчиња“ во режија на Дина Дума, со Фредерик Ноар како директор на фотографија. Во главната селекција се вклучени и филмови што претходно биле дел од програмите на водечки светски фестивали.
Доаѓањето на Кроненвет е уште едно големо меѓународно име во историјата на „Браќа Манаки“, фестивал кој е специјализиран токму за уметноста на филмската камера и кинематограферите.
