
Холивудската легенда Џон Малкович порача дека не размислува за пензионирање, додека во исто време стана една од најзабележителните личности на годинашниот Венециски филмски фестивал – не само поради својата актерска изведба, туку и поради стилот што модните критичари го прогласија за еден од највпечатливите на фестивалот.
Американскиот актер, кој има 72 години, зборуваше пред светската премиера на филмот „Wild Horse Nine“ на режисерот Мартин Мекдона, каде што ја дели главната улога со Сем Роквел. Остварувањето е дел од официјалната конкуренција за престижниот „Златен лав“, највисокото признание на Венецискиот филмски фестивал.
„Практично цел живот го правам она што го сакам и планирам да продолжам со тоа. Не планирам да се пензионирам. Кога ќе дојде време, индустријата сама ќе ме пензионира“, изјави Малкович пред новинарите во Венеција.
„Wild Horse Nine“ е мрачна комедија сместена во периодот пред воениот удар во Чиле во 1973 година. Малкович и Роквел толкуваат двајца агенти на ЦИА испратени на Велигденскиот Остров, каде што се соочуваат со последиците од своето минато и политичките превирања во регионот. Филмот доби 13-минутни овации по премиерата, а критичарите веќе го вбројуваат Малкович меѓу потенцијалните кандидати за актерските награди во претстојната сезона.
Покрај актерската изведба, Малкович стана и неочекувана модна сензација на фестивалот. Британскиот „Вог“ го нарече „модниот крал на Венецискиот фестивал“, оценувајќи дека неговиот изглед на црвениот тепих е најдобриот досега виден на годинашното издание. Модните критичари особено го истакнаа неговиот црн костум од „Диор“ со впечатлива набрана јака, како и ексцентричните комбинации што ги носеше за време на фестивалските настани.
Во текстовите посветени на фестивалската мода, Малкович беше опишан како човек што „одржа лекција по личен стил“, а неговите модни избори беа оценети како доказ дека оригиналноста и самодовербата можат да доминираат дури и на најгламурозните црвени теписи во светот.
Со настапот во „Wild Horse Nine“ и со вниманието што го привлече надвор од филмското платно, Малкович уште еднаш покажа зошто и по повеќе од пет децении кариера останува една од најхаризматичните фигури во светската кинематографија.

