БАЛКАНВЕСТИИМПУЛС

Вучиќ призна пораз на изборите во Србија: „Студентската листа освои најмногу мандати“

Носителот на листата „Обединета Србија“, Александар Вучиќ, призна изборен пораз на парламентарните избори, соопштувајќи дека според стратификуваниот примерок, Студентската листа освоила најмногу мандати. Според неговите проценки, победничката листа ќе има меѓу 135 и 140 пратенички мандати во Собранието.

„Немаме конечни резултати, многумина ќе бидат изненадени, а вие ќе сфатите колку некои лажеа. На основа на стратификуваниот примерок јасно е дека овие избори ги загубивме“, изјави Вучиќ во своето обраќање.

Тој нагласи дека неговата листа победила насекаде каде што живеат Срби во регионот – во Република Српска, Црна Гора, Северна Македонија, како и на Косово. И покрај поразот, Вучиќ упати честитки до победниците, но не пропушти да упати и остри критики.

„Јас им честитам, иако тие се само изведувачи на валкани работи кои некој друг ги осмислил за да сруши една суверена земја. За некој момент успеавте. До кога? Ќе видиме“, рече Вучиќ. Тој ги предупреди граѓаните дека до март или април следната година Србија ќе воведе санкции кон Руската Федерација и дека новата власт ќе го направи „сето она што го криела во кампањата“.

„Честитки до Наташа Кандик, нејзината политика победи. Со огромна надворешна поддршка успеа да победи. Им посакувам сè најдобро, а ние ќе се бориме. Заштитувајќи го секој човек од нивното јавање и малтретирање“, порача доскорешниот претседател, додавајќи дека очекува да биде мета на прогон, но дека „никој не се плаши“. Вучиќ нагласи дека како одговорен политичар не сака немири и судири, иако смета дека победниците „ќе ѝ уништат две години живот на земјата“.

Паралелно со неговото обраќање, според извештаите од Белград, граѓани веќе почнале да се собираат на улиците и пред изборниот штаб на Студентската листа за да ја прослават изборната победа.

Back to top button