
Македонското дуо Добрила и Дориан со албумот „Wind to Blow“ се најде меѓу 20-те најдобри world music изданија во Европа според октомвриската листа на World Music Charts Europe (WMCE), едно од најреномираните европски рангирања во областа на светската музика.
Албумот е рангиран на 20. место на листата за октомври 2026 година, во конкуренција на изведувачи и музички проекти од Европа, Африка, Азија и Латинска Америка. На врвот на листата се наоѓа турската група Baba Zula со албумот „XXX“, додека меѓу највисоко пласираните се и King Ayisoba од Гана, Officina Zoè од Италија и Germán Díaz & Benxamín Otero од Шпанија.
„Wind to Blow“ е најновото издание на Добрила и Дориан, објавено во мај годинава и содржи осум композиции инспирирани од македонската традиционална музика, обработени низ современ музички израз. Меѓу песните на албумот се „Прошетала е Богородица“, „Гајтано моме“, „Густа магло не паѓај по поле“ и „Ветар да подујне“.
World Music Charts Europe постои од 1991 година и е основана во рамки на Европската радиодифузна унија (EBU). Секој месец специјализирани музички новинари, радио уредници и продуценти од повеќе од 25 европски земји ги избираат своите омилени нови изданија од областа на world music, по што се составува конечната листа.
Според WMCE, рангирањето се базира на гласовите на европски музички експерти и претставува еден од највлијателните показатели за актуелните трендови на светската музичка сцена.
Пласманот на Добрила и Дориан претставува значајно меѓународно признание за македонската музичка сцена и уште една потврда дека современите интерпретации на македонското музичко наследство можат да допрат до публика далеку надвор од границите на земјата.
Ј. Ѓ.
