ВЕСТИПОЛИТИКА

ДУИ: Владата планира виртуелни 300 милиони денари за здравството, а ги крати програмите за превенција

Документите од ребалансот на буџетот на Министерството за здравство откриваат загрижувачка шема во која Владата прикажува капитални инвестиции без јасна финансиска покриеност, додека истовремено ги крати средствата за превентивните здравствени програми. Ова го истакнаа од Демократската унија за интеграција (ДУИ) на прес-конференција посветена на здравствените политики.

Инвестиции без покритие од самофинансирачка сметка

Од ДУИ посочуваат дека во програмата за реконструкција и доградба на објектите на јавните здравствени установи се предвидени 300 милиони денари, или приближно 5 милиони евра, за „други градежни објекти“. Според партијата, овие средства не се предвидени од основниот буџет, туку се ставени во колоната на расходи од самофинансирачки активности.

„Според информациите од извори во Министерството за здравство, оваа сметка остварува само околу 3 до 5 милиони денари годишно. Како може да се планираат 300 милиони денари од извор кој обезбедува само занемарлив дел од оваа сума? Дали постојат овие средства, или се ставени само на хартија за потребите на дневната пропаганда, и дали се создаваат обврски кон компаниите без финансиска покриеност, со што се ризикува државата подоцна да се соочи со тужби за извршени, а неплатени работи?“, прашуваат од ДУИ.

Кратења во превентивната здравствена заштита

Додека се најавуваат овие инвестиции, вкупниот буџет за превентивна здравствена заштита е намален за 7,2 милиони денари, од 677.195.000 на 669.995.000 денари. Од ДУИ ги наведоа конкретните кратења:

Намалување од 3,25 милиони денари во примарната здравствена заштита.

Кратење од 3 милиони денари за здравствена заштита на лица со ментални нарушувања.

Намалувања во програмите за превенција на кардиоваскуларни болести за 900 илјади денари, активно здравје на мајките и децата за 850 илјади денари и рано откривање на малигни болести за 600 илјади денари.

Скратени средства за систематски прегледи на учениците и студентите за 500 илјади денари, превенција на туберкулоза за 300 илјади денари, програмата „Здравје за сите“ за 170 илјади денари и третман на лица кои употребуваат наркотични средства за 100 илјади денари.

Партијата бара од Министерството за здравство веднаш да ја објави реализацијата на сметката за самофинансирање за последните три години, конкретниот извор на планираните 300 милиони денари, неплатените обврски кон компаниите, како и причините за кратење на секоја превентивна програма и бројот на граѓани што ќе бидат погодени.

Back to top button