ВЕСТИПОЛИТИКА

ДУИ: Четири месеци молк за штетата од 19,3 милиони евра во МЕПСО, Обвинителството и Антикорупција да реагираат

Демократската унија за интеграција (ДУИ) обвинува за четиримесечен молк од страна на директорот на МЕПСО, Бурим Латифи, во врска со изгубен предарбитражен спор тежок 19,3 милиони евра и бара итна реакција од Јавното обвинителство и Антикорупциската комисија.

Според партиското соопштение, државното претпријатие во постапка пред ДАБ го загубило спорот во корист на компанијата „Енергоинвест“, а сега случајот се сели на арбитража, каде што МЕПСО ќе мора да ги брани своите позиции по неповолниот исход во претходната фаза. Од ДУИ истакнуваат дека граѓаните сè уште немаат одговори за одлуките кои го вовлекле стратешкото државно претпријатие во меѓународен спор со повеќемилионски последици.

Воедно, од опозициската партија предупредуваат и на нов повеќемилионски договор што МЕПСО го склучил со конзорциум предводен од „Далековод“, во чиј состав влегуваат „Кодар Енергомонтажа“ од Белград и „Елнос БЛ“ од Бања Лука. За последната компанија, велат од ДУИ, во јавноста постојат тврдења дека е блиска до кругови поврзани со Милорад Додик. Партијата ја повика на одговорност и владејачката коалиција ВЛЕН, прашувајќи зошто се дозволува стратешки енергетски сегмент да се поврзува со вакви компании додека државата трпи финансиски штети.

Партијата јавно прашува до каде се надлежните институции со истражувањето на овој случај. „Каде е Јавното обвинителство и каде е Државната комисија за спречување на корупцијата? Јавноста има право да знае: дали е отворен предмет, кои дејствија се преземени и дали се истражуваат договорите, одлуките и евентуалната одговорност за финансиската штета?“, порачуваат од ДУИ.

На крајот од соопштението се заклучува дека граѓаните имаат право на целосна транспарентност и одговори за тоа кој ги донел овие одлуки и кој ќе одговара за последиците.

Back to top button